Линкови за пристапност

Годишно обраќање на претседателот Иванов


Годишно обраќање на претседателот Иванов
Годишно обраќање на претседателот Иванов

„Во иднина нема да прифатам извештај во којшто македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат“, најави шефот на државата.

Претседателот Ѓорге Иванов во денешното редовно годишно обраќање во Собранието стави акцент на проблемот со Грција што ги обременува евроатлантските интеграции на Република Македонија.

„Сакам да пратам една порака до нашиот сосед. Република Македонија е реалност. Оваа реалност постоела, постои и ќе постои. За прашањата како што се нашите врвни вредности – идентитетот, јазикот, културата и Уставот, воопшто не сакаме и нема потреба да разговараме“, рече Иванов.

Шефот на македонската држава ја стави таквата порака и во контекст на неодамнешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Пресудата е најсилниот можен правен аргумент кој воопшто постои во денешниот развој на меѓународно-правниот поредок. Затоа, обврска и одговорност на сите е почитување на меѓународното право како основа на меѓународниот поредок. Од таму, обврска и одговорност на меѓународната заедница е сега да преземеме сè што е потребно за да се помести статус-кво состојбата во однос на интеграциите на Република Македонија. Верувам дека на следниот Европски совет, на следниот Самит на НАТО, доколку се покаже лидерство, храброст и визионерство, статус-кво состојбата во интеграциите може да се помести“, рече Иванов.

Македонскиот претседател побара подршка од меѓународните фактори, но упати и порака до меѓународните институции како ЕУ и НАТО во кои се рефлектира грчко –македонскиот спор.

„Во иднина нема да прифатам извештај во којшто македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат“, најави Иванов, а на граѓаните им вети успешна европска и евроатлантска иднина. „По долгиот период на нестабилност и поделби ни претстои сплотеност и консолидација“, им кажа тој на пратениците.

Претседателот изрази надеж дека и покрај препреките, Македонија ќе успее да ги оствари евроатлантските аспирации. Врз основа на пресудата од Хаг, Иванов смета дека на наредниот Самит на НАТО во Чикаго во мај идната година може да се очекува прием на Македонија, доколку, како што рече, земјите-членки демонстрираат лидерство и визионерство.

„Ќе успееме да ги оствариме нашите цели. Прашањето не е дали, туку кога, а до тогаш ние самите сплотени ќе ја создадеме нашата успешна европска иднина. Ќе ги реализираме целите и ќе имаме членство и во ЕУ, и во НАТО и таму ќе бидеме тоа што сме, нема друга опција“, кажа шефот на државата.

Владејачката партија го оцени говорот како позитивен и обединувачки.

„Како натпартиски кандидат и претседател на републиката, сметам дека сосема е оправдана и на место неговата изјава дека за него постои само една партија, а тоа е Република Македонија“, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата, пак, смета дека говорот е гола и празна реторика, зачинета со популизам и лажна цврстина.

„Господинот Иванов ни раскажа дека зборувал за ЕУ, НАТО, енергетиката и инвестициите, ама не кажа колку земји успеал да убеди да не` поддржат на евроатлантскиот пат“, изјави Јани Макрадули од СДСМ.

На обраќањето на претседателот во Собранието не беа присутни пратениците од етнички-албанската опозициона партија ДПА.

XS
SM
MD
LG