Линкови за пристапност

Рокот пред истекување, преговорите ќе продолжат


Делегациите на САД, Иран и европски земји во Виена ќе преговараат за иранската нуклеарна програма и по 30 јуни

Со се` помалите шанси дека до истекот на рокот на 30-ти јуни ќе биде постигнат договор за иранската нуклеарна програма, американски официјални лица започнаа нова рунда разговори, овојпат со главниот нуклеарен регулатор.

Државниот секретар Џон Кери е на чело на американската делегација на разговорите во Виена којашто се сретна со генералниот секретар на Меѓународната агенција за атомска енергија Јукија Амано.

„Ќе видиме“, кусо коментираше Кери пред средбата на новинарско прашање дали очекува да биде постигнат конечен договор за иранската нуклеарна програма.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф синоќа замина за Техеран, но утре ќе се врати во Виена. Иранските државни медиуми јавија дека ова патување било планирано однапред.

Кери и Зариф се сретнаа неколкупати во неделата. Кери одвоено се сретна и со британскиот министер за надворешни работи Филип Хамод и шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер.

Претставници на Иран, на САД и на европските делегации во неделата потврдија дека разговорите најверојатно ќе продолжат и по истекот на самопоставениот рок.

Во интервју за Гласот на Америка, вишата советничка за стратешки комуникации во Стејт департментот Мари Харф изјави дека секретарот Кери и Иранците разбираат дека се наоѓаат во пресвртен момент. „Допрва ни претстои навистина тешка работа“, рече Харф.

XS
SM
MD
LG