Главните претставници на владата на претседателот Барак Обама наидоа на тешки прашања на сенатскиот распит посветен на спогодбата за иранската нуклеарна програма, постигнат месецов во Виена.
Конгресот има рок до средината на септември да ја прифати или отфрли спогодбата.
Претседавачот на Сенатската комисија за надворешни работи Боб Коркер му кажа на државниот секретар Џон Кери, којшто сведочеше на распитот: „Иранците ве „острижаа““. Кери одговори: „Тие веќе го имаат она што го сакаат... прашање е само како да ја сопрете нивната програма“.
Кери на распитот искажа уверување дека договорот ќе го направи светот побезбеден. „Убедени сме дека спогодбата којашто ја постигнавме заедно со светските сили ќе го спречи Иран да стекне нуклеарно оружје“, рече американскиот државен секретар.
Спогодбата предвидува подигање на санкциите, во замена за намалување на обемот на нуклеарната програма.
Кери сведочеше заедно со секретарот за енергија Ернест Мониз и секретарот за финансии Џек Лу. Вишите владини претставници, коишто беа клучни архитексти на нуклеарната спогодба, вчера на иста тема одржаа средби зад затворени врати со претставници на Конгресот.
Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер вчера најави дека републиканците, коишто имаат контрола врз обата дома на Конгресот, нема да ги штедат силите во обидот да ја отфрлат спогодбата.
„Тоа е затоа што лошиот договор е закана за американскиот народ. Ќе сториме се` да го спречиме“, рече Бејнер.
Ако Конгресот ја одбие спогодбата, Обама се закани дека ќе стави вето на одлуката. За поништување на тоа вето, потребно е двотретинско мнозинство во обата дома на Конгресот, што значи дека многумина демократи би требало да се приклучат на републиканците и да гласаат против спогодобата.