Во Виена започнаа разговорите меѓу иранските власти и претставници на Меѓународната агенција за атомска енергија, во време кога весникот Вашинготн пост објави текст во кој се наведува дека Иран на неколкупати го прекршил поморскиот закон во обид да ги заобиколи меѓународните санкции воведени заради неговата контроверзна нуклеарна програма.
Претставници на агенцијата за време на дводневните разговори се очекува да извршат притисок врз Иран за да дозволи пристап до воениот објект Парчин во близина на Техеран. Иран се` уште нема одговорено на барањата на ОН за пристап до објектот, каде се верува дека Иран поседува резервоар за тестирање на експлозиви.
Западните дипломати се сомневаат дека Иран купува време со цел да отстрани какви било компромитирачки докази пред да дозволи влез на инспекторите на ОН.
Разговорите меѓу Техеран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија се закажани да продолжат на 23-ти мај во Багдад.
Во меѓувреме, Вашингтон пост цитира неименувани американски претставници кои велат дека уште од почетокот на април, Иран рутински ги исклучува системите за следење на сателити на неговите танкери за нафта. Весникот пишува и дека иранската пракса на прекршување на поморскиот закон, е будно следена од Меѓународната агенција за атомска енергија.