Линкови за пристапност

Американската поддршка спроти референдумот е исклучително пријателска


Интервју со премиерот Зоран Заев за Гласот на Америка: Си го знам народот, мудро одлучува

Ексклузивно интервју на премиерот Заев за Гласот на Америка на македонски по средбата со потпретседателот Пенс во Вашингтон

Средбата со потпретседателот Пенс во Вашингтон е затварање на поддршката што САД ни ја даваат во континуитет, особено пред референдумот, изјави македонскиот премиер Зоран Заев во интервјуто за Гласот на Америка. „Сигналот е испратен уште еднаш дека САД остануваат сериозен, стабилен, стратешки партнер на Македонија до референдумот, но и после референдумот. Договоривме во 2019-та, на наша покана, и потпретседателот Пенс прифати и рече дека ќе стори се`, заедно во Македонија да го прославиме членството во НАТО“, најави Заев.

За премиерот Заев, важен е позитивен референдум и во залог е иднината на Македонија. „За нас, членство во НАТО, значи вечен мир, стабилност, сигурност и безбедност, што директно носи економска прогресија, перспектива за сите наши граѓани, а алтернатива нема. Ако има алтернатива, некој ќе ја спомнеше.

Тој коментираше „Си го знам народот. Секогаш носел историски одлуки, мудро, без разлика на партиите, и политичарите. Убеден сум дека следува блескава иднина за Македонија“.

Запрашан како Договорот од Преспа ќе се одрази врз идните односите меѓу Македонија и Грција, за следните генерации, тој вели: „Само позитивно. Некои велат двете страни исто добија, исто загубија. Не - двете страни само добија. Отвораат перспективи на соработка. Добивме нов пријател. Нашиот јужен сосед. Имаме потврда за нашиот идентитет и нашиот јазик, што е вековна аспирација на нашите предци“, оцени Заев.

Според премиерот, пријателството со Грција ќе донесе зголемени инвестиции, но и во областа на културата, спортот. Имаме пријател кој што ни беше непријател. Убеден сум дека за неколку месеци, граѓаните ќе ги видат придобивките од Договорот од Преспа.

Запрашан како ја оценува американската поддршка спроти гласањето на 30-ти септември, со оглед дека во Македонија беше секретарот за одбрана, Матис, писмо со поддршка за референдумот испрати поранешниот претседател Џорџ Буш и имаше средба со потпретседателот Пенс во Вашингтон, Заев одговори дека американската поддршка спроти референдумот е исклучително пријателска. „Со сите поддршки кои што доаѓаат од Метју Палмер, Вес Мичел, Генералот Скапароти, па секретарот за одбрана Матис и денеска заокружувајќи со потпретседателот Пенс, кој што ја пренесе поддршката од претседателот Трамп, значат големо охрабрување. Ние сме мала земја, но голем пријател на Америка, но и на сите земји од демократскиот свет, каде што и` припаѓаме“, оцени Заев.

Со оглед дека е премиер на сите граѓани на Македонија, и на оние кои се ЗА референдумот, но и на ониe кои повикуваат на бојкот. Може ли е обединување, на двете страни, ЗА иднината на Македонија?

Тој оцени – „Јас го сонувам тоа. Го посакувам. Јас сум премиер којшто презема политичка одговорност. Можам да завршам вака или онака. Но, важно е Македонија да оди напред. Треба да разберат сите граѓани – нема друга Македонија. Ги повикувам сите да ја поддржат оваа прекрасна иднина на Македонија, изјави премиерот Заев во интервјуто за Гласот на Америка.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG