Линкови за пристапност

Дали сиромаштијата значи и смртна казна во САД?


Дали сиромаштијата значи и смртна казна во САД?
Дали сиромаштијата значи и смртна казна во САД?

Тесна поврзаност меѓу сиромаштијата и здравственото осигурување

Речиси една шестина од американската популација живее во сиромаштија. Гарет Адамс, по професија лекар, вели дека финансиските проблеми ги спречуваат луѓето во намерите да дојдат до неопходни здравствени третмани.

Д-р Адамс зборуваше на распит во Конгресот посветен на здравствената грижа и сиромаштијата во САД. Тој истакна дека постои циклус во кој сиромаштијата може да претсавува смртна казна.

„Клеј Морган, автомеханичар од Кентаки. Сопственик на свој бизнис. Заболе од рак, имаше третман, беше подобро, но во меѓувреме банкротираше. Здравствената состојба му се влоши. Во депресија и неможност да го отплати долгот за дотогашната медицинска грижа, Клеј се самоуби“, изјави Адамс.

Д-р Адамс минатата недела основаше непрофитна медицинска клиника во сиромашна област во Тенеси, за да помогне на луѓето во неволја. Во 2010-та година, речиси 50 милиони луѓе во САД немаа здравствено осигурување, нешто поголем број од претходната година. Поголемиот дел од неосигураните се под 65-годишна возраст, возраст на која владата обезбедува здравствена грижа.

Во САД поголем дел од населението кое е здравствено осигурано, тоа му е овозможено преку работодавците.

Роберт Гринстаин е економист и претседател на Центарот за буџет и политички приоритети со седиште во Вашингтон.

„Забележан е пораст на бројот на неосигураните лица, главно заради падот на бројот на лица кои добиваат осигурување од своите вработени“, изјави Гринстаин.

Невработеноста во САД и натаму изнесува над 9%, исто како и минатата година, во услови кога не сите вработени се со закон обврзани да понудат здравствено осигурување.

Властите велат дека една третина од луѓето без здравствено осигурување живеат во сиромаштија. Според најновите податоци од пописот во 2010-та година, официјалното ниво на сиромаштија изнесуваше 15,1%, пораст од 14,3% во 2009-та година.

Во САД четиричлено семејство се смета дека живее на раб на сиромаштија, доколку годишните примања се под 22.000 долари.

Додека бројот на луѓето кои живеат во сиромаштија и бројот неосигураните лица е сличен, не се само сиромашните тие кои немаат здравствено осигурување.

Една петина од 50-те милиони неосигурани Американци, имаат годишен приход од преку 75.000 долари.

XS
SM
MD
LG