Американската државна секретарка Хилари Клинтон рече дека Пакистан треба да стори повеќе во борбата против тероризмот, како и дека САД и натаму ќе ги гонат терористичките групи базирани во земјата кои се закануваат на САД, Авганистан и други земји.
По средбата со индискиот колега С. М. Кришна во Њу Делхи, Клинтон изјави дека на САД и на Индија добро им се познати трагедиите од тероризмот на своја почва. Таа кажа и дека терористите во Пакистан досега убиле 30.000 Пакистанци.
За време на посетата на Калкута понеделникот, државната секретарка потнцираше дека Пакистан не реагирал на американските и индиските повици да го уапси и да го изведе пред суд осомничениот пакистански терорист Хафиз Мухамед Саид, обвинет дека стои зад нападите во 2008-ма во Мумбаи, кога загинаа 166 лица.
Клинтон кажа и дека САД и Индија треба да ја продлабочат безбедносната соработка и дека обете земји имаат заеднмичка цел да го спречат Иран да дојде до нуклеарно оружје. Таа ја пофали индија затоа што нејзинире рафинерии го намалиле увозот на нафта од Иран, како дел од континуираниот притисок врз Техеран да се откаже од нуклеарната програма.
Западните сили тврдат дека Иран развива нуклеарно оружје под параванот на мирнодопска програма за нуклеарна енергија. Иран, пак, го отфрла тврдењето.
Кришна кажа дека Иран има права како учесник во Договорот за неширење на нуклеарното оружје, но истовремено и обврски што мора да ги исполни.
Клинтон и Кришна разговарале и за економски прашања, како што е напредокот кон постигнување на договор за цивилна нуклеарна соработка, во време кога обете страни се подготвуваат за Стратешкиот форум меѓу двете земји што ќе се одржи во Вашингтон наредниот месец. Според Клинтон, трговијата меѓу САД и Индија годинава треба да достигне 100 милијарди долари и двете земји треба да го развиваат тој однос за да стане еден од најголемите во светот.
Клинтон понеделникот се сретна со индискиот премиер Манмохан Синг и водачката на владејачката коалиција Соња Ганди.