Американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека во која било легислатива што им овозможува на имигрантите кои илегално влегле во САД како деца да имаат можност да станат државјани, мора да биде вклучено и финансирање на граничниот ѕид долж јужната граница, додека истовремено се стави и крај на миграцискиот процес, но и на програмата за добивање „зелена карта“ преку лотарија.
Во септември, Трамп ја поништи програма за одложено пристигнување на деца – ДАКА, која беше усвоена од претходната администрација на Обама. Програмата ги штитеше речиси 800.000 имигранти од депортирање од земјата, овозможувајќи им легално да живеат и да работат во САД.
На средбата со републиканските сенатори во Белата куќа, Трамп оцени дека актуелната имиграциона политика на САД не функционира.
„Имиграциониот систем е погубен за Американците. Претставува закана по безбедноста, економијата, и е отворен за тероризмот. Програмата со стекнување „зелена карта“ преку лотарија е лоша за нашата економија, безбедноста. Потребен е физички, пограничен ѕид, кој ќе не` оддели од опасните трговци со дрога, криумчари и насилни криминални картели. Треба да обезбедиме дека имиграционите служби ќе ги имаат сите неопходни средства“, изјави Трамп.
Тој на Конгресот му даде рок до 5-ти март, да усогласи решение за досегашните корисници на ДАКА, во кое ќе биде вклучено и финансирање на пограничниот ѕид, запирање на миграцијата и стопирање на програмата на лотарија за иселеничка виза, позната како „зелена карта“.
Трамп изрази надеж дека неговите предлози ќе наидат на поддршка од демократите, кои не успеваат да се договорат за обединета имиграциона стратегија. Демократите бараа, но беа одбиени, да се гласа за мерка која ќе им овозможи на 1,2 милиони недокументирани имигранти да останат легално во САД.
Facebook Forum