Линкови за пристапност

САД му нудат помош на Мексико да го запре караванот од илјадници мигранти


Колоната од неколку илјади мигранти, претежно од Хондурас продолжува да се движи кон САД и покрај острите изјави на претседателот Доналд Трамп дека не се добредојдени. Масата мигранти неделата ја помина во Тапачула, град на југот од Мексико.

Државниот секретар Мајк Помпео вчера го повтори ставот на американскиот претседател, истакнувајќи дека администрацијата од Белата куќа ја следи целата ситуација со караванот обвинувајќи ги мигрантите дека ги нарушуваат суверенитетот, законите и процедурите на земјите низ коишто поминуваат.

Помпео истакна дека Соединетите Држави се загрижени за насилството што го предизвикуваат некои групи од караванот, а посочи и за постоење на „очигледна политичка мотивираност на некои организатори “, без да даде прецизни објаснувања на какви групи мисли.

Државниот секретар најави и подготвеност на САД да им помогнат на мексиканските власти за изнаоѓање решение за ситуацијата со мигрантите.

Трамп се закани дека ќе испрати војска за да го запре, како што рече „нападот на нашата јужна граница“, истакнувајќи дека во групата има и голем број криминалци.

„Се прават големи напори за да се запре нападот од илегални лица да ја преминат нашата јужна граница“, објави Трамп на „Твитер“ во неделата. Тој воедно напиша и дека: „Мораат прво да аплицираат за азил во Мексико, но ако не го направат тоа, тогаш САД ќе ги врати назад“.

Мексико веќе им нуди азил на мигрантите, но бројот на тие што прифатиле не е голем. Министерството за внатрешни работи на Мексико соопшти дека во текот на изминатиот викенд, вкупно 1.028 лица поднеле барање за статус на бегалци.

XS
SM
MD
LG