Ураганот Ирма го истури бесот во Ки Вест во Флорида со пороен дожд и силни ветришта и зад себе остави сличен пустош како оној на Карипските острови.
Ирма сега е невреме од категорија 4, а Националниот центар за урагани објави дека генерира ветришта од 215 километри на час.
Бурата сега се движи кон Неплс и Форт Мајерс и оди директно на градот Тампа. Засега, најпопуларниот туристички град во Флорида, Мајами, не е на патот на Ирма, зашто ураганот сега заврти долж западниот дел на сојузната држава.
Во моментов без електрична енергија се најмалку 1,4 милиони жители.
Гувернерот на Флорида Рик Скот, изрази загриженост за западното крајбрежје на јужната сојузна држава. Потсети дека во сојузната држава се` уште е на сила вонредна состојба, и ги повика жителите да носат добри одлуки ако мора да бидат на отворено.
ФЕМА проценува дека најлошо сценарио ги очекува неколку општини долж западното крајбрежје.
75.000 жители се распоредени во 400 засолништа за итни ситуации.
Градот Тампа не бил директно погоден од ураган речиси еден век.
Претседателот на САД Доналд Трамп синоќа се сретна со членови на неговиот кабинет, на разговори околу Ирма.
Тој преку Tвитер, ги поздрави спасувачките акции на ФЕМА и на другите федерални агенции, и ги повика граѓаните да ги почитуваат влатините инструкциите за време на бурата.
Ирма, досега однесе 24 животи и остави стотици илјади луѓе без своите домови откако ги погоди Куба и Карибите. Ирма е досега најголемиот ураган на Атлантскиот океан и една од најсилните тропски бури во изминативе декади.
Ураганот Ирма веќе е бура која ќе влезе во книгите за историја. Експертите ја нарекуваат „најмоќната Атлантска бура“ досега снимена.
Невремето го растури островот Барбуда, оставајќи го „едвај погоден за живеење“, рече премиерот на Антигва и Барбуда, Гастон Браун.
„Она што го видов беше трогателно. Мислам, апсолутно катастрофално“, рече тој во четвртокот. Околу 95 проценти од сите згради на островот биле уништени или оштетени.
„На островот Сент Мартин бројно население едноставно лута бесцелно бидејќи нема друга алтернатива“, изјави еден новинар за локалната радио станица.
Можеби ќе поминат и шест месеци додека не се врати електричната енергија насекаде во Порторико. Претседателот Трамп претходно прогласи вонредна состојба, а ФЕМА ќе ги координира расчистувањата и помошта.
Facebook Forum