„Барањето за итно ставање на дневен ред на Собранието на Законот за социјална заштита и дополнувањето на Законот за заштита на деца се наметнува како нужно, во услови кога статистиките бележат пораст на сиромаштијата во државата, и особено кога детската сиромаштија е речиси на 30%“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, претседателката на Македонската платформа против сиромаштија (МППС), Биљана Дуковска.
Изразувајќи згриженост за одлагањето на донесувањето на Законот за социјална заштита и дополнувањето на Законот за заштита на деца во Собранието, МППС, како сојуз на здруженија на граѓани и поединци кои се залагаат за промовирање на социјалната еднаквост и правда, на партиципативната демократија и на граѓанската солидарност, испрати порака до пратениците: „Очекуваме народните избраници да ги издигнат на приоритетно место, и да се заложат за исполнување на потребите на граѓаните од областа на социјалната заштита“.
МППС смета дека „држава, која себеси се идентификува како социјална и претендира за членство во ЕУ, не смее да одолговлекува измена на две клучни законски решенија, директно поврзани со областа на заштита на човековите права во структурата на ЕУ-правото“, како и дека е неопходно отворање на јавна дебата и дискусија за придобивките на законите и итно усвојување на законските решенија за што побрзо да почнат реформите во социјалната сфера.
Шеесетте членки на МППС ја споделуваат визијата за Република Македонија како општество на благосостојба, остварена родова еднаквост и целосно воспоставен систем на демократско и одговорно владеење, и бараат обезбедување одговорност и отчетност на надлежните јавни институции и органи на Владата, во поглед на спроведувањето на преземените меѓународни обврски и одговорности.
Претседателката на МППС, Биљана Дуковска, во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик истакна дека по најавата на пакетот на социјални реформи, организациите-членки и поддржувачите на МППС, но и лица кои имаат искуство во сферата на борбата против сиромаштијата, дале придонес во јавните расправи по текстот на предлозите на законите.
„Без исклучок, заедно побаравме да се прекине оваа агонија, која ја живеат најмалку 460.000 граѓани, евидентирани како сиромашни од Државниот завод за статистика, со образложение дека потребата од социјалната реформа доаѓа од нефункционалноста на стариот закон за социјална заштита, со кој луѓето кои се во социјален ризик, не само што остануваат затворени во магичниот круг на сиромаштијата, туку некои од нив се исклучуваат и стануваат невидливи за системот“, ни изјави Дуковска.
„Ние сме уверени дека со понудениот пакет ќе се придонесе кон поголема социјална правда и посветено помагање на најранливите категории, затоа што со предвидената гарантирана минимална помош, ќе се зголемат финансиските примања за најсиромашните семејства и со тоа се создаваат услови засегнатите лица поактивно да се подготвуваат за настап на пазарот на труд, односно, да направат поместување нагоре на социјалната скала. Реформата ќе донесе и стапување на сила на активацијата на корисниците на минималната помош, со земање предвид на нивната социјална, емоционална и здравствена состојба, преку тимска и координирана работа на центрите за социјални работи и Агенцијата за вработување, а во насока на прекин на пренесување на трансгенерациска сиромаштија, еден од најголемите проблеми на сиромашните семејства во моментот“, вели Дуковска.
„И конечно, со социјалната реформа се унапредува детското право, и покрај детскиот се воведува и образовен додаток, со што детето (ученикот) добива минимум стандарди за да може да се образува, како предуслов за поквалитетен живот“, истакна Дуковска во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик.
МППС се повикува и на Извештајот за Македонија на Европската комисија за 2018 година, во кој, во рамки на поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, се нотира дека „нема продолжување на Акцискиот план за децата кој истече во 2015 година. Децата Роми и децата со посебни потреби сè уште страдаат од стигма, дискриминација и сегрегација, особено во образованието и другите услужни сектори. Иако е постигнат одреден напредок во последните години, постои ограничена координација во спречувањето и реагирањето на насилството врз децата. Не постои унифициран систем за собирање податоци и следење (на повеќето аспекти поврзани со состојбата на децата). Исто така, државата има многу мал капацитет да обезбеди помош, заштита и грижа за децата. Службите за заштита на децата се фрагментирани и итно е потребен интегриран систем за детска заштита кој го става детето во центарот на системот. Мерките и ресурсите за спречување на насилството и малтретирањето во училиштата сè уште не се доволни“
И организацијата „Во мојот свет“, здружение на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД (Attention Deficit Hyperactivity Disorder) и Аспергеров синдром, раководена од сознанијата од нејзината сфера на делување, исто така, ја потенцира неопходноста од итното донесување на законските решенија.
„Барањето за итност при донесување на Законот за социјална заштита и дополнување на Законот за заштита на децата произлегува од неопходноста за унапредување на правата и услугите што треба да се инкорпорираат и применат во новите предлози за дополнување на Законот за заштита на децата и тоа на сите нивоа во општествениот живот на семејствата и нивните деца“, ни изјави Златко Стојановски од.здружението „Во мојот свет“.
„Со години наназад, постојано апелиравме дека се потребни измени за да се воведат нови услуги, дека е потребна соработка меѓу секторите за социјална заштита, образование и здравство, да се подобри функционирањето на центрите за социјална работа, како и да се воведе адекватен минимален приход кој ќе ја замени постојаната парична помош. Како здржение на граѓани за третман на лица со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром, посебно внимание посветивме и укажавме дека во новите законски решенија треба се вметнат и инкорпорираат новите предлози во однос на сегрегацијата и дискриминацијата, согласно Меѓународната конвенција за права на лицата со атипичен развој, како и дека е потребно приближување кон европските позитивни законски решенија, посебно во образованието, здравството и социјалната заштита, во насока - детето и семејството да бидат лоцирани во центарот на системот“, изјави Стојановски за Гласот на Америка на македонски јазик.
„Би сакал да напоменам и дека според нашиот Устав, Македонија се декларира како социјална држава, а претендира и за членство во ЕУ. Така што, државата не смее повеќе да одолговлекува со измената на овие две клучни законски решенија. Уште поважно е што побрзо тие да профункционираат во пракса, во насока на подобрување на условите за живот на семејствата и нивните деца, како и намалување и целосно сузбивање на сегрегацијата и дискриминацијата од некои државни институции и граѓанството во Република Македонија“, дециден е Стојановски.
Facebook Forum