Хил беше амбасадор во Македонија во времето на косовската криза. Има долгогодишно искуство од Балканот, а вршеше битни функции и во многу други делови на светот, како главен американски преговарач за Северна Кореја, на пример.
Во настапот во вашингтонскиот Американски институт за мир на тема „Следното поглавје за Ирак“, Хил ги пренесе впечатоците како е да се живее во строго обезбедената Зелена зона во Багдад. Призна дека во земјата има загриженост поради рокот за повлекување на американските борбени сили на 31-ви август, но е уверен дека Ирак е на вистинскиот пат, кога ќе се направи споредба со состојбата од пред седум години.
Целта на натамошната американската заложба во Ирак е транформирање на воената мисија во цивилна, со која ќе ракободат американските дипломати, брифираше Хил. Ова се случува во време на деликатен момент за Ирак, кога се уште не е формирана новата влада, а има пораст на насилството:
„Мислам дека е важно за младите во Ирак да сфатат дека тоа е нивна земја и имаат огромна можност да изградат нова држава“, рече Хил.
Безбедносната состојба е нестабилна и се наоѓа на незадоволително ниво, но Хил изрази увереност дека ирачките сили ќе бидат ефикасни откако ќе ја преземат одговорноста од американските војници.
Некогашниот амбасадор во Македонија во септември ќе ја напушти владината служба по над 30 години минати во неа.
Хил ќе биде новиот декан на Катедрата за меѓународни студии на Универзитетот во Денвер.