Линкови за пристапност

Хелсиншки: „Лустрацијата излегла од законска контрола“


Премиерот Груевски, пак, ги отфрла критиите на опозицијата дека и новиот предложен закон е лош.

„Лустрацијата продолжува да се одвива директно против одлуките на Уставниот суд!“, стои во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХК) за периодот од декември 2011-та до март 2012-та.

Упатувајќи порака до јавноста дека процесот на лустрацијата станува проблем во речиси сите извештаи за состојбата со човековите права во Македонија, ХК потенцира дека „лустрацијата излегла од уставен колосек и од рамките предвидени и сугерирани со Резолуциите на Советот на Европа“.

Комитетот таксативно ги наведува сите протести до задоцнетиот и контроверзен процес на „прочистување“ околу кој директно се судри актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ со Уставниот суд на РМ.

Според Комитетот, „лустрацијата излегла од законска контрола кога почна да верификува изјави за несоработка врз основа на податоци од досиеја на жртвите, од информативни разговори со безбедносните органи, наместо од досиеја на соработници, (односно без постоење на писмен документ за соработка со службите што е експлицитен законски услов“. Заштитниците на човековите права тврдат дека од Комисијата за верификување на фактите биле лиферувани податоци во медиумите за тековните случаи, „со што се повреди пресумцијата на невиност на лицата кои имаат потпишано изјави за несоработка“, дека лустрацијата е фокусирана на поранешни функционери, „а сегашните вршители на јавни и политички функции се изоставени, спротивно на сугестиите на Советот на Европа“, како и дека лустрацијата се одвива „врз основа на класифицирани документи и криење на документи добиени од надлежните служби (дури и меѓу членовите на Комисијата), со што се направи повреда на правото на `еднаквост на оружјата`“.

Комитетот и забележува на Комисијата и на актуелната власт и поради тоа што изјавите за несоработка се потпишуваа „под закана на драконски казни што е во спротивност на принципот дека лустрацијата не смее да биде одмазда или казнување“.

Предупредувајќи дека процесот се одвива вон контрола, во Извештајот на Хелсишнаката комисија, се тврди дека лустрацијата „излезе од уставен колосек кога парламентарците изгласаа промени на Законот на лустрација директно спротивни на претходно укинувачката одлука на Уставниот суд од 2010, која утврди дека: лустрацијата после 1991-та го доведува под прашање постојниот демократски уставен поредок на Република Македонија“. Според Комитетот, „лустрацијата на невладините организации, универзитетот, академијата и слично, е мешање на државата во сферата каде нема ингеренции пропишани со Устав“ .

Претставници на власта не го коментираа Извештајот на Хелсиншкит комитет, но викендов премиерот Никола Груевски ги отфрли критиите на опозицијата дека и новиот предложен закон е лош.

„Во минатото имаше критики од опозицијата дека Комисијата за лустрација или претседателот не ги толкувале добро запишаните работи во досиејата. Затоа, ние сега велиме сите досиеја, текстови и содржини што постојат да се објават на Интернет за да нема различни толкувања. Секој граѓанин, доколку го интересира, да може да прочита за некое лице за кое се зборува дека било кодош, дека ја злоупотребувало функцијата за да оствари лични, кариеристички и материјални цели, што било запишано, што точно работело, кого кодошел и со какви намери“, рече Груевски во саботата.

Според него, „доколку тие (СДСМ - н.з.) сакаа да има закон можеа да го донесат додека беа на власт. Петнаесет и повеќе години беа на власт, но не донесоа таков закон. Тоа значи дека тие всушност, не сакаат да има закон за лустрација. Каков закон и да предложиме или донесеме тие ќе речат дека е неуставен или нетранспарентен. Секогаш ќе најдат некоја маана за да се извлечат од ваков закон“, заклучи македонскиот премиер.

XS
SM
MD
LG