Линкови за пристапност

Македонец, доброволец, по земјотресот во Хрватска: “Ниту моите не знаеја дека заминувам, ги спакував куферите и тргнав да помогнам“


Александар Ѓорѓиевски од Штип, пожарникар по професија е првиот Македонец кој им помага на хрватските граѓани, после катастрофалниот земјотрес од 6,3 степени.

Тој заминал самоиницијативно и доброволно се приклучил на терен. За Гласот на Америка раскажува дека откако слушнал за силниот земјотрес, ги спакувал куферите и се качил на првиот автобус за Хрватска.

Првата помисла кога се случи сето ова во Хрватска, ми беше што се преживеал нашиот народ во 1963 година и како нашите соседи реагирале тогаш.
Ѓорѓиевски, волонтер


„Добро знаме дека во 1963 година, македонскиот народ и Скопје се има соочено со многу поголема катастрофа и многу добро знаеме, како светот реагираше на таа катастрофа и се вклучи да ни пружи прва помош. Се покажа тогаш дека цел свет тогаш се обедини за да ни помогне. Првата помисла кога се случи сето ова во Хрватска, ми беше што се преживеал нашиот народ во 1963 година и како нашите соседи реагирале тогаш. Затоа без двоумење се одлучив да тргнам и да се ставам на располагање на хрватските пожарникари и на хрватскиот народ“, вели Ѓорѓиевски.

Вклучен е како волонтер во дистрибуција на помошта до населението која пристигнувала од сите страни.

Кога стасав јас ми дадоа работни задачи. Пристигнуваа шлепери полни со донации од сите страни, од храна до препарати за хигиена и радијатори.
Ѓорѓиевски, волонтер


„Овде сме вклучени како волонтери сите. Овде институциите си имаат направено свој систем и секој доброволец кога ќе дојде му кажуваат кои се неговите ингеренции што можеш да правиш што не смееш, што мора да го почитуваш. Кога стасав јас ми дадоа работни задачи. Пристигнуваа шлепери полни со донации од сите страни, од храна до препарати за хигиена и радијатори. Нема што нема во тие шлепери и ние волонтерите бевме задолжени да ги сместиме работите во магацин и потоа да ги товараме во комбиња и помеѓу населението да делиме и храна и облека, таму каде што има потреба. Бидејќи има луѓе кои се иселени по хотели, по роднини и пријатели. Има и луѓе кои остана во своите домови и покрај тоа што институциите ги советуваат да ги напуштат своите домови, но многу од нив се плашат тоа да го направат, поради страв од кражби, бидејќи во ова време имало луѓе кои влегувале по куќите и правеле лоши работи. Хаотична е глетката и ситуацијата“.

Александар вели дека сето ова што го доживува на терен е животна лекција за него. Вели, на лице место гледам како функционираат работите за време на ваква хаварија.

Градот Петриње, кое е веднаш до местото каде што сум јас е 80% срушено. Таму преовладуваат стари куќи. Има неколку жртви со смртни последици
Ѓорѓиевски, волонтер


„Сликата е хаотична, затоа што утрово имаше повторно четири земјотреси. Еден беше со јачина од 4,1 степен. На телевизија и нивните власти се уште најавуваат дека ситуацијата е доста сериозна и сите се на штрек. Зградата на противпожарната единица е многу оштетена. Мислиш дека во секое време може кровот да падне врз тебе. Работата е страшна. Градот Петриње, кое е веднаш до местото каде што сум јас е 80% срушено. Таму преовладуваат стари куќи. Има неколку жртви со смртни последици“, вели Александар.

Се уште нема информации дали и други Македонци ќе му се приклучат во Сисак, едно од најпогодените места.

„Друго е институционално да се приклучиш друго е вака. Јас пред да тргнам напишав на ФБ, дека заминувам. Почекав два часа. Никој не се јави. Дури ни моите дома не знаеја дека одам. Мојата мајка беше на работа. Мојот брат и снаа исто така. Немаше дома никој. Набрзина го спакував куферот. Викнав такси, да ме однесе до граница. Од таму ме собра автобусот на Хисар. Газдата кога слушнал каде одам, му рекол на шоферот, да не ми наплаќа за карта. Ме донесоа до Загреб. Од таму отидов до местото. Но, и кој да е во една ваква ситуација невозможно е да се организираш колку и да си спремен. Од сите страни луѓе доаѓаат. Од сите страни има повици за помош. Едноставно речено ситуацијата е многу тешка“, вели Александар.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG