Линкови за пристапност

Демократите и републиканците кршат предизборни копја околу здравствената заштита


Здравствена заштита за сите, коешто е главно ветување во кампањата на демократите, стана најбитна тема за претстојните делумни конгресни избори во САД, закажани за 6 ноември. Американските гласачи негодуваат за поскапувањето на здравствените трошоци, но во исто време има и стравувања дека евентуалното универзално здравствено осигурување ќе води кон зголемување на таксите.

Во времето на претседателствувањето на Обама, републиканците поминаа добро со нивната кампања против плановите за воведување државна контрола врз здравствениот систем и успеаја да одржат предност во Конгресот.

Но, скорешната анкета Ројтерс/Ипсос покажува дека 58 отсто од гласачите сакаат да остане во сила легислативата од времето на Обама, таканаречениот Акт за достапна здравствена заштита (Affordable Care Act). Според анкетата, осум од десет гласачи, од двете страни, сакаат да се обезбеди здравствено покритие и за лицата со болести што им биле дијагностицирани уште пред да се осигураат, како што се срцеви заболувања, дијабетис или рак.

Сепак, конзервативците сметаат дека со зголемена конкуренција на пазарот и со повеќе иновации ќе се овозможи подобра здравствена заштита и помали трошоци. Но, во слабо населените места нема простор за толкава конкуренција.

Претседателот Доналд Трамп ги нападна плановите на демократите за нов здравствен систем, нарекувајќи ги како обид за преминување во социјализам, со кој ќе им бидат скратени средствата што постарите граѓани ги вложувале во здравствена грижа во текот на својот работен век.

„Демократите поддржуваат социјалистичко преземање на здравствената заштита, со што целосно ќе се збрише постоечката здравствена грижа. Републиканците сакаат да ги заштитат пензионираните граѓани да имаат здравствено покритие, а за коешто плаќале во текот на целиот свој живот“, рече претседателот Трамп во еден од своите говори во рамките на кампањата за претстојните избори.

Анкетите за јавното мислење покажуваат дека демократите имаат добри шанси да задржат голем дел од местата во Претставничкиот дом на следните избори, но мали се шансите да ја преземат контролата и во Сенатот.

Во еден таков поделен Конгрес, демократите не ќе можат да обезбедат доволно поддршка за изгласување легислатива што би обезбедила медицинска заштита за сите.

XS
SM
MD
LG