Има многу причини што одат на штета на напорите за спречување на појавата на рак, но Грем Колдиц вели дека болеста може да се спречи, почнувајќи од една третина од случаите кои се резултат на пушење цигари.
„Може да спречиме преку 70 отсто од рак предизвикан од пушење во САД, рак на белите дробови, рак на бешика, на бубрези, на глава и врат и сето тоа, се` што е резултат на пушење“, вели Колдиц.
Но, листата не завршува тука.
Пушењето е голем фактор за појава на рак во земјите со мали или средни примања, но овој научник додава дека и други инфекции честопати водат до појава на болеста.
„Рак на црниот дроб од хепатит, рак на отворот на матката од папилома вирус“, вели тој.
Од различни причини, додава Колдиц, истражувањето за рак во голем дел е фокусирано на третманот.
Реалноста е дека доколку само мал дел од истражувањето го пренасочиме на превенцијата, вели тој, ќе имаме огромен придонес кон општеството.
Но, не се само медицинските лица тие што треба да обрнуваат внимание на ова прашање. Од особена важност е што јадеме, колку сме физички активни, какви се условите каде работиме. Сите овие фактори може да влијаат на нашето здравје генерално и на ризикот од појава на рак конкретно.