ЗАГРЕБ - Македонија одигра нерешен натпревар, 25-25 со европскиот шампион Германија, а на 12 секунди пред крајот на мечот, имавме и шанса за победа, но шутот на пикерот Стојанче Стоилов го одбрани германскиот голман.
Сепак, и со ремито, ракометарите предводени од селекторот Раул Гонзалез, завршуваат како првопласирани во групата Ц на Европското ракометно првенство, пред Германија и третопласираната екипа во светот, Словенија.
Во исклучително неизвесен меч, македонските ракометари покажаа знаење и храброст, а стратегијата на селекторот Гонзалез беше нерешлива енигма за европскиот шампион.
„Кога ќе промашиш шут за победа, тоа реми не ти е слатко. Имав шут да го решам натпреварот, избрзав - шутнав лошо. Среќа, соиграчите ме покрија. Тој бод сега не е толку сладок. Можевме да пренесеме четири бода. Но, тоа е тоа, денес промашив, утре може ќе дадам. Таков е ракометот, тоа е спортот. Ми олесна кога промашија Германците. Ќе бев трагичар“, изјави Стоилов по натпреварот.
Колегите од репрезентацијата се огласија со полна поддршка за нашиот пикер.
„Рековме дека ќе бидеме позитивни и остануваме такви, со поддршка за Столе. На секој може да му се случи тоа. Тој е нашиот најголем борец, има срце како планина и ќе биде нашиот најдобар играч во Вараждин“, изјави капитенот Кире Лазаров.
„Ел Команданте“ повторно одмерен на прес-конференцијата по мечот и нагласи дека е горд на своите избраници и горд на македонската селекција.
Поддршката од трибините не` изостана. Две и пол илјади македонски навивачи ги бодреа ракометарите во текот на сите 60 минути и вршеа константен притисок врз противничките ракометари.
Навивачите, како и репрезентативците, се хит во Хрватска и на првенството. По двете победи на отварањето на првенството еуфоричното расположение, само го надополни ремито со Германија.
Тие беа самоуверени во прогнозите пред натпреварот и со сигурност типуваа на победа на Македонија.
„Три од три“ беше коментарот кој најчесто се слушаше.
За вечерва, тие најавија фешта во фан-зоната која со сигурност ќе трае до доцна во ноќта, со многу песни и пиво.
Натпреварувањето сега продолжува во втората фаза во Вараждин, каде Македонија е во група со европските веле-сили Шпанија и Данска, како и репрезентацијата на Чешка.
Facebook Forum