Линкови за пристапност

Премиерот Груевски се сретна со лидерите од исламските заедници на Балканот


Премиерот Груевски се сретна со лидерите од исламските заедници на Балканот
Премиерот Груевски се сретна со лидерите од исламските заедници на Балканот

Заканата од вахабизмот на Балканот се` уште постои, констатација на средбата

Балканот како брана од радикалниот ислам кон Европа не смее да попушти. Исламските верски заедници можат самите да се справат со него, но предупредуваат дека опасноста доаѓа кога ќе се вмеша политиката - лидерите на муслиманите во регионот од средбата во Скопје испратија порака за соживот и толеранција, што, како што рекоа, е во основата на исламот.

Тие признаваат дека заканата од вахабизмот на Балканот постои, но се работи за поедини мали групи кои со донации од финансиски моќници веќе 15 годни се обидуваат да се инфилтрираат во институциите.

Претставниците на исламските верски заедници од Македонија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија, Грција, Бугарија и Турција велат дека со овие одметници од верата можат да се справат со нивно придобивање, но опасноста е кога политиката се вмешува.

„Исламот е толку длабоко вкоренет на Балканот што овие предизвици со кои се соочуваме и низ кои поминуваме ќе минат како ситен дожд, и долгорочно не можат да остават последици, доколку политиката остане на страна и не се вмеша во процесите“, вели Неџат Грабус, муфтија од Словенија.

„Воопшто не се плашиме од фундаментализмот. Исламот овде е присутен многу години и ние сме подготвени со заедничка соработка секое ново настојување или навлегување на фундаментализмот на овие простори да го стопираме“, вели Наим Трнава, поглавар на ИВЗ на Косово.

На средбата во Скопје не присуствуваше лидерот на муслиманите во Босна и Херцеговина, каде минатата година полицијата уапси 13 радикали поради закана за безбедноста. Во Босна се наоѓа и верскиот центар „Краљ Едх“, директно финансиран со пари од Саудиска Арабија и се поврзува со радикалните исламски структури.

Минатата година, британските безбедносни служби ги наведоа Македонија, Косово и Босна и Херцеговина како три дестинации од коридорот за радикален ислам кон Европа.

Лани и претседателот на Исламската верска заедница во Македонија, Реис ул Улема Хаџи Ефенди Реџепи, за првпат призна дека во земјава има вахабисти, во контекст на случајот со Иса бег џамијата во Скопје, која и натаму е под контрола на структури кои ИВЗ ги нарекува радикални.

XS
SM
MD
LG