Линкови за пристапност

Јакне крајната десница во Грција


Златна зора, која по првпат влегува во Парламентот, бара да се постават мини долж границата со Турција.

Грчката политичка сцена деновиве не ја одбележуваат само обидите за формирање на влада, туку и влегувањето на крајнодесничарската Златна зора во Парламентот.

„Грција и` припаѓа на Грците“, извикуваа членовите на партијата додека нејзиниот водач Никос Михалолјакос триумфално чекореше низ улиците на Атина. На новинарското прашање која политика најпрвин ќе ја примени партијата, Михалолјакос возврати: „Целата илегална имиграција - надвор. Надвор од мојата земја, надвор од мојот дом“.

Златна зора освои 7% на неодамнешните избори во Грција и 21 парламентарно место.

Танасис Куркулас од организацијата „Протерај го расизмот“ повикува да се забрани партијата.

„Ова е по првпат од 1974-та, по падот на воената хунта, неонацистичка група да стане дел од грчкиот парламент“, наведува Куркулас.

Истовремено со економската криза, Грција се соочува со, како што ја нарекуваат ОН, хуманитарна бегалска криза. Многумина симпатизери на крајната десница ги поврзуваат овие две појави.

Секоја сабота, уште од зори, толпа баратели на азил се собира пред центарот за процесирање на мигранти во Атина. Бројот на апликации што допрва треба да се обработат е десетици илјади.

Минатата година, Гласот на Америка разговараше со лицето по име Хафез од Авганистан, кој барал азил во Грција. Како и многу имигранти, и Хафез станал мета на десничарските банди во Атина. Тој ни раскажа дека кога го пресретнале, не му кажале ништо, туку почнале да го удираат по целото тело.

Златна зора бара да се постават мини долж границата со Турција од каде повеќето имигранти влегуваат во Грција. Нејзините постери во Атина за време на предизборната кампања носеа пораки „да се исчисти градот“ и „да се отстрани ѓубрето“.

За еврејската заедница во градот, јазикот што го користи партијата и униформите, налик на нацистичките, даваат опасно обележје на целата ситуација.

„Ние сме мошне загрижени што неонацистичка, крајнодесничарска партија ќе биде дел од грчкиот парламент во Атина, каде е родена демократијата“, коментира Бенџамин Албалас, еден од водачите на еврејската заедница.

Златна зора порекнува дека е неонацистичка партија и ги обвинува грчките и странските медиуми за искривување на нејзината агенда.

XS
SM
MD
LG