Водачот на грчката Коалиција на радикалната левица - Сириза повика на отфрлање владините мерки на штедење што беа предуслов за добивањето на меѓународната финансиска помош од милијарди долари. Алексис Ципрас, кој се обидува да состави нова коалициона влада, побара од водачите на Нова демократија и ПАСОК да прекинат да го поддржуваат кратењето на владините трошоци. Тој кажа дека грчкиот народ на изборите неделата ги отфрлил мерките на штедење.
Сириза освои 52 од вкупно 300-те места во парламентот, највеќе по конзервативната Нова демократија. Откако Нова демократија не успеа да формира влада, грчкиот претседател Каролос Папуљас денес му даде мандат на Ципрас да формира коалициона влада во рок од три дена. Доколку и тој не успее, мандатот ќе го преземе третопласираната партија ПАСОК. Евентуалното непсотигнување на договор би можело да доведе до нови избори наредниот месец.
Европските лидери и натаму вршат притисок врз Грција да продолжи да ги исполнува обврските на договорот со кој доби преку 300 милијарди долари за финансиски спас. Договорот, постигнат во февруари со Европската унија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка, предвидува Грција да се врати на финансиските пазари до 2015-та.