Премиерот и шефот на дипломатијата дојдоа кај претседателот Иванов за само по неколку минути да си заминат.
Средбата не минала во добра атмосфера. Шефот на државата го добил договорот за името што треба да се потпише со Грција, но решил да го напушти состанокот. „Премиерот и министерот за надворешни работи имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина. Владата ги повикува сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ“ – соопштија од владата.
Средба со шефот на државата бара и лидерот на опозицијата кој денеска се виде со премиерот. Претходно, на прес-конференција Христијан Мицкоски ги потврди вчерашните позиции на ВМРО-ДПМНЕ дека договорот е капитулација за Македонија.
„Ако Заев покажува на ова значи дека е подготвен на се`. Откако е тој премиер Македонија губи од своите атрибути, го менува нашиот идентитет, го менува она што нас не дефинира како држава - Уставот на РМ. Тоа е нешто што ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати“, изјави Мицковски.
Поделеноста не е само меѓу политичарите и партиите – видлива е и на социјалните мрежи на кои цел ден се води дебата за и против договорот.
Паралелно со дебата во домашната јавност, меѓународната заедница продолжува со пораките на поддршка за историскиот договор.
„Пораките на поддршка што дојдоа од разни престолнини – Лондон, Вашингтон, Берлин и од евроатланските организации покажува дека договорот има широка поддршка“.
Договорот утре ќе биде разгледан на владина седница, а премиерите најверојатно ќе го потпишат викендов во присуство на високи странски државници. Потоа ќе следи негова ратификација во македонскиот Парламент, по што Грција ќе се согласи за Македонија да добие покана за прием во Алијансата и датум за старт на преговори со ЕУ. Наесен ќе следи референдум, кој ако е успешен ќе повлече и уставни измени, по што ќе следи и ратификацијата на договорот во грчкиот парламент каде ќе се ратификува и протоколот за пристапување на земјава во НАТО.
Facebook Forum