Линкови за пристапност

Гевгелија бара помош за мигрантите


Гевгелискиот градоначалник со најава на нови проблеми во зимскиот период апелираше за помош од другите општини и од меѓународната заедница

„Изразуваме голема благодарност за Македонија за она што досега го направила за бегалците. Се обидуваме и ние да помогнеме колку што можеме, затоа што тоа е и` наша одговорност“, изјави Жан-Франсоа Истас, копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на Европската унија, чиј 12-ти состанок, во организација на Заедницата на единиците на локална самоуправа на Македонија (ЗЕЛС) и на Министерството за локална самоуправа, се одржа во Охрид.

Во периодот од 19 јуни до 28 октомври, во кој трае бегалската криза во Македонија, издадени се потврди на 186.423 странски државјани, од кои, 115.606 мажи, 26.651 жени и 35.510 деца кои го придружуваат носителот на потврдата, и 8.656 деца кои патуваат без родител.

Најбројни меѓу бегалците кои од Грција влегле во Македонија преку граничниот премин во Гевгелија, се државјаните на Сирија - 123.071, Авганистан - 35.209, Ирак - 14.427, Пакистан - 4.095, Иран - 3.071, Палестина - 1.628...

Токму затоа, според медиумите, гевгелискиот градоначалник Илија Франгов, побара отворање и на нов граничен премин со Грција, како алтернатива на постоечкиот, за поедноставување на регулацијата на приливот на бегалци, зашто актуелниот преку пругата, фактички функионира како див премин.

„Имаше иницијатива и таа е пратена од страна на Министерството за надворешни работи на Македонија до Грција, но за жал, на тоа четири години нема одговор. Добро е кога поконтролирано и порегуларно би влегувале мигрантите во нашата држава, а не така стихијно и кој како ќе стаса. Тој премин е онаму каде сега влегуваат мигрантите покрај самата железничка линија каде поминуваат“, рекол Франгов.

Тој побарал помош од ЗЕЛС и од меѓународната заедница за обезбедување на електрична енергија во зимскиот период и за дополнителна градежна механизација за уредување на просторот и затрупување на отпадоците. Според Франгов, состојбата со мигрантите е повеќе од сериозна, зашто на граничниот премин кај Гевгелија дневниот прилив на бегалци е од 2,5 до 6 илјади мигранти. „Имаме разговарано и со Европската делегација и со УНДП и со УНХЦР, буквално да помогнат, затоа што ние мора да ги дуплираме нашите капацитети за работа кои треба да работат уште 50 проценти повеќе, за да ги задоволат потребите и на граѓаните, но и на мигрантите“, изјавил Франгов, кој потенцира дека проблеми ќе има, и во следниот период.

XS
SM
MD
LG