Гласачите во јужната сојузна држава Џорџија денес излегуваат на специјални избори за пополнување на испразнето место во Претставничкиот дом. На изборите се гледа како на тест за тоа дали републиканците предводени од администрацијата на Трамп можат да го задржат мнозинство во Претставничкиот дом и следната година.
Значењето што го имаат овие избори за републиканците и демократите е евидентно, и во потрошените пари од двете страни - повеќе од 50 милиони долари, највисок износ кој досега е потрошен во една конгресна трка.
Демократскиот кандидат, 30 годишниот Џон Осов работел како помошник во Конгресот и ова се негови први избори. Тој во април победи во почетниот круг на гласање, но не успеа да го помине потребниот праг за освојување на испразнетото место.
Неговата републиканска противкандидатка е 55-годишната Карен Хендл, поранешна државна секретарка на Џорџија.
Победникот ќе го преземе испразнетото место од републиканецот Том Прајс, кој победи на изборите минатиот ноември, пред претседателот Трамп да го назначи за раководител на Одделот за здравство.
Трамп во оваа изборна област издвојува тесна победа против демократската ривалка Хилари Клинтон, со само еден процент водство. Претседателот вчера објави неколку пораки на Твитер, критикувајќи го Осов и ги повикаа гласачите да ја поддржат Хендл.
Анкетите пред гласањето посочуваат на неизвесна трка, сигнализирајќи огромна промена на расположението кај гласачите во областа каде републиканците победуваат од 1979-та.
Независно кој ќе победи, нема да има значително, непосредно влијание врз работата на Претставничкиот дом, затоа што републиканците веќе имаат мнозинство. Исто така, се очекува тие да победат и на специјалните избори во Јужна Каролина.
Но, демократите се насочени на изборите во 2018-та година, во кои секое место во Претставничкиот дом ќе биде ставено на гласање. Победата во Џорџија ќе биде почеток на освојувањето на 24, или повеќе места, што им се потребни за враќање на мнозинството.
Демократите претходно годинава победија на специјалните избори во Калифорнија, но тоа место беше испразнето од друг демократ.
Републиканците ја задржаа контролата врз две испразнети места на специјалните избори во Монтана и Канзас.
Facebook Forum