Во време кога Авганистан се соочува со хуманитарна и економска криза, лидерите на Г-20 се среќаваат на виртуелна средба на која фокусот ќе биде на справување со предизвикот и безбедносната загриженост за ситуацијата по преземањето на власта од страна на Талебан.
Италијанскиот премиер Марио Драги е домаќин на Самитот, а меѓу учесниците се генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, американскиот претседател Џо Бајден, индискиот премиер Наренда Моди, и другите лидери од Г-20.
Шефот за надворешната политика на ЕУ Жосеп Борел синоќа предупреди дека „социоекономската и хуманитарна ситуација на Авганистан е на работ на колапс“.
„Денеска се согласивме да обезбедиме директна помош кон авганистанската популација со цел да спречиме хуманитарна катастрофа, додека и натаму не го признаваме режимот на Талебан“, рече Борел.
Гутереш предупреди дека Авганистан се соочува со пресуден момент и го повика светот да реагира.
Пред преземањето на власта од Талебан, со меѓународната помош се покриваа 75% од државните трошоци на земјата, но меѓународните хуманитарни организации ги „замрзнаа“, средствата.
Facebook Forum