Линкови за пристапност

Франција е за симнување на санкции доколку има напредок во Украина


Францускиот претседател кажа дека санкциите не ја погодуваат само Русија, туку и Европа

За време на двочасовното интервју за француското Интер радио, претседателот Франсоа Оланд рече дека санкциите од Европа и САД не само што ја погодуваат Русија, туку се одразуваат негативно и врз европската економија.

Оланд рече дека Европа треба да биде јасна што бара од рускиот претседател Владимир Путин. Неговите акции мора да запрат, рече тој. Не смее да има нови санкции, а постојните треба да се симнат доколку има напредок во Украина.

Ваков развој е можен уште следната недела, кога украински и руски лидери се очекува да се сретнат во Казахстан.

Санкциите беа воведени минатата година откако Москва го присвои украински Крим и ги поддржа сепаратистичките борци во источна Украина. Но, денес, европските држави изразија загриженост за ефектот од спорот на нивните економии. Франција, на пример, ја суспендираше продажбата на два воени бродови на Русија поради кризата во Украина.

Оланд во поширокото интервју зборуваше и за состојбата во Грција.

Оланд рече дека Грците треба да одлучат дали сакаат да останат во еврозоната. Но, потенцираше дека Атина мора да ги почитува преземените обврски спрема ЕУ.

Дали Грција и натаму ќе остане во унијата ќе биде познато на изборите подоцна месецов. Евро-скептиците од левичарската партија Сириза, водат на последните истражување на јавното мислење во Грција.

Пред неколку години, финансиската криза во Грција ги подгреа стравувањата за колапс на еврозоната. Сега еврозоната е посилна од тогаш. Германската канцеларка Ангела Меркел неколкупати потенцираше дека заминувањето на Грција го гледа како неизбежен, но и таков со кој унијата може да се справи.

XS
SM
MD
LG