Француската фудбалска федерација се соочува со обвиненија за расизам по новински извештаи дека првиот човек на репрезентацијата сакал да воведе квоти за етнички африкански и арапски играчи при селектирањето нови играчи.
Обвиненијата беа обелоденети од он-лајн истражувачката публикација Медиапарт, која извести дека виши членови на фудбалската федерација на Франција сакале да го ограничат бројот на млади играчи од африканско и арапско потекло во репрезентацијата. Медиапарт објави транскрипт од ноемврски состанок на француски официјални лица кои дискутирале по идејата.
Резултатот од истрагата во фудбалската федерација и француското министерствго за спорт треба да биде објавен неделава. Селекторот Лорен Бланк, кој ги негира наводите бил испрашуван, а техничкиот директор на репрезентацијата е суспендиран.
Извршниот директор на француската анти-дискриминаторска група СОС-расизам Џилаум Аиме, рече дека не е изненаден:
„Имаме регистрирано неколку случаи, како и судски спорови против француската фудбалска федерација за друг случај кој се однесува дека одбиле деца кои не можеле да докажат дека нивните родители имале регулиран престој од пет години во Франција.“, вели тој.
Тврдењата од Медиапарт го разбранува францускиот фудбалски свет. Поранешната ѕвезда Зинедин Зидан, син на алжирски бегалци, застана зад селекторот Бланк и вели дека тој не е расист. Со ист став излезе и францускиот министер за спорт Шантал Џуано, кој се очекува да ги објави резултатите од истрагата во неговиот ресор.
Џуано рече дека таа никогаш не слушнала дека Бланк кажал коментар на расна основа и ја подвлече мултирасната композиција на националниот фудбалски состав.
Но, уште една поранешна фудбалска ѕвезда, Лилијам Турам, од Гвадалупе, изрази загриженост.
За телевизијата ТФ1, тој рече дека стравува дека обвинувањата за дискриминација во фудбалската федерација може да се точни. Ако се покаже таков исход, тоа е мошне сериозно, предупреди Турам.
Обвинувањата по расна основа се голем удар за националниот фудбалски тим, кој едновремено беше симбол за мултирасната и обединета Франција во 1998-ма, кога и го освоија Светското првенство.
Ова прашање доаѓа во чувствително време за Франција
по контроверзната национална дебата за разноликоста во општеството и улогата на Муслиманите. Една година пред претседателските избори, анкетите покажуваат зголемување на поддршка за лидерот на десничарската партија Национален фронт.
Џилаум Аиме од СОС-расизам вели:
„Во земјата има политички потези кои стигматизираат големи делови од француската популација и фудбалот е како општеството – го отсликува расположението во целата држава“.
Но, тој верува дека мнозинството Французи се вознемирени поради обвинувањата за расизам во францускиот фудбал и ако се покажат вистинити, самите ќе бараат промени.