Вакцинацијата на децата е неопходна за превенција на болести. Но, нова студија открива дека кога децата се изложени на зголемено ниво на индустриските хемикалии познати по кратенката ПФЦ, од perfluorinated compounds, нивниот имунолошки систем станува помалку отпорен на рутинските вакцини, ставајќи во ризик за сериозни болести.
Овие хемикалии ги има во животната средина. Индустриските хемикалии се користат како инсектициди. Тие се неверојатно упорни. Речиси секој има одредено ниво на вакви хемикалии во телото што може да се установи, главно заради изложеноста преку облека, прехрамбени производи или преку пиење на вода загадена со ПФЦ хемикалиите.
Иако штетата по здравјето од нив се` уште не е прецизно утврдена, тим научници идентификувале најмалку едно мошне сериозно влијание врз имунолошкиот ситем кај децата.
Доктор Филипе Грандџин од Школата за јавно здравје при Универзитетот Харвард и неговите колеги, откриле дека кај децата изложени на хемикалиите ПФЦ уште додека се наоѓаат во утробата на мајката, а потоа изложени на зголемено ниво на овие состојки во животната средина, покажано е намалено ниво на нивниот имунитет против две болести - тетанус и дифтерија.
Грандџин и неговиот тим ја утврдиле ефикасноста на вакцините кај децата преку мерење на антитела во крвта против споменатите болести во група вакцинирани деца.
Грандџин вели дека многу деца во студијата кои биле изложени на високо ниво на хемикалиите покажале мошне мали концентрации на антитела против тетанус и дифтерија во нивната крв.
„Некои од овие деца имале толку ниски концентрации на антителата со што биле практично незаштитени до седумгодишна возраст и покрај фактот што до тогаш веќе имале примено четири вакцини“, вели овој лекар.
Грандџин вели дека децата биле ревакцинирани иако не е сигурно колку добро вакцините ќе ги заштитат од тетанус и дифтерија. Тој вели дека доказите покажуваат дека слабиот имунолошки систем може да креира подложност на повеќе видови на болести.
Во студијата учествувале 587 деца, родени меѓу 1999 и 2001-та година на Островите Фароа мала земја во Норвешкото Море што се наоѓа меѓу Шкотска и Исланд. Оваа земја е одбрана заради начинот на исхрана на жителите, каде доминира морската храна, за која е познато дека има висока концентарација на хемикалиите ПФЦ. Гранџин вели дека загаденоста од овие хемикалии е глобален проблем и потребно е да се изнајде решение на меѓународно ниво. Тој истакна дека додека САД престанаа со производство на хемикалијата, таа и натаму се произведува во земји како Кина и се користи во најразлични увезени или домашни производи.
Студијата е објавена во Журналот на Американската медицинска асоцијација.