И покрај реакциите во јавноста, Министерството за здравство не се откажува од решението за дисперзија на метадонската терапија која ја примаат зависниците. Досегашните над 500 зависници кои примаа терапија во Дневниот центар во скопската општина Кисела Вода, и покрај реакциите на дел од жителите викендов, сепак, отсега ќе примаат терапија и во поликлиниките во Аеродром и во Ченто, како и во Психијатриската болница и во Градската општа болница, а според најавата на министерот, децентрализацијата ќе продолжи со пунктови за терапија и во поликлиниките во уште три скопски општини.
Според медиумските извештаи, во Македонија се регистрирани над 1.500 зависници, иако се калкулира и со неколку пати повисока бројка.
Според министерот Филипче, за последното решение се користени искуства од држави од ЕУ и нема потреба од загриженост и страв на граѓаните во тие населби, зашто ќе постои строга контрола на делењето на терапијата, ќе се намали и бројот на корисници на терапија во секој одделен пункт и ќе се води грижа за намалување на евентуалните злоупотреби со лекарствата.
Министерот го повтори ставот дека зависниците не смеат да се стигматизираат и гетоизираат и дека секој граѓанин има право на пристап до квалитетна здравствена заштита и потенцираше и дека корисниците ќе ја примаат терапијата пред медицински персонал.
„На овој начин се елиминира можноста за евентуално препродавање на терапијата“, потенцираше д-р Филипче, кој најави и купување на дополнителни сефови за чување на терапијата и вработување на 20 психијатри во новите и досегашните пунктови.
Министерот Филипче најави доколку е неопходно и ангажман на полициски службеници на почетокот на работата на новите пунктови, но според него, многу поважен ќе биде ангажманот на претставници на институциите, на локалните власти, како и на невладините организации, кои на терен ќе разговараат со граѓаните за кревање на свеста и намалување на стигматизацијата на корисниците во македонското општество.
Facebook Forum