Линкови за пристапност

Вермонт усвои резолуција за соработката со Македонија


Партнерството меѓу Националната гарда на Вермонт и Армијата на Република Македонија е реалност во Авганистан кој постојано се продлабочува

Собранието на Вермонт со акламација усвои резолуција за соработката меѓу оваа сојузна држава и Република Македонија и армиското партнерство меѓу Националната гарда на Вермонт и Армијата на Република Македонија (АРМ) во изминатите 17 години.

Резолуцијата го уважува учеството на Македонија во меѓународните мисии и изразува благодарност за заедничките напори со Вермонт за мирот, безбедноста и стабилноста ширум светот.

За македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими, резолуцијата дава политичка поддршка и тежина на ангажманот на АРМ со Националната гарда од Вермонт во меѓународната мисија ИСАФ во Авганистан.

„Таа претставува валоризација за досегашниот партнерски однос со АРМ“, оцени Бесими, кој ја предводеше вишата делегација од Министерството за одбрана на свеченото усвојувањето на резолуцијата во административниот и политички центар на Вермонт, главниот град Монпеље.

Бесими во изјавата за Гласот на Америка на македонски по усвојувањето на резолуцијата го подвлече пријателството и желбата за продлабочување на соработката со САД во меѓународните мировни мисии.

„Учеството во меѓународните мисии, како во Авганистан, под заедничка команда на САД, е од голема важност за капацитетот на АРМ во правец на усовршување тактичката подготвеност, согласно стандардите на НАТО“, рече министерот.

Првиот човек на македонската одбрана во Монпеље се сретна и со гувернерот на Вермонт Питер Шумлин, со кој, според македонската делегација, освен за можностите во одбраната, разговарал и за цивилниот сектор.

Пратеници од обете партии во Собранието на Монпеље на средбата со Бесими порачале дека Вермонт ја отсликува соработката на Македонија со САД и дека очекуваат, освен на армиски, таа да се продлабочува и на економски, културен и образовен план, според информациите од македонската делегација.

Командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Мајкл Дуби ги пофали македонските војници за високиот степен на професионализам и подготвеност на заедничката мисија во Авганистан.

Бесими одржа и тркалезна маса со студентите по економија на Универзитетот во Вермонт, говорејќи за економските потенцијали што Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Досегашната соработка меѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт резултираше во 700 активности во кои беа вклучени 4.000 припадници од воениот и цивилниот сектор.

Министерот ја продолжува неколкудневната посета во САД со средба со секретарот за одбрана Леон Панета во понеделник во Пентагон.

XS
SM
MD
LG