Линкови за пристапност

ДУИ, ДПА и НДП против шовинизмот на „Фејсбук“


ДУИ, ДПА и НДП против шовинизмот на „Фејсбук“
ДУИ, ДПА и НДП против шовинизмот на „Фејсбук“

Жестоки реакции по коментарот на ТВ- водителот Миленко Неделковски дека муслиманите и Албанците „ги множи со нула“.

„Се работи за ментално болен човек, си кажува приказни, тој пати од депресивна болест“, изјави, меѓу другото, за порталот „Плусинфо“, портпаролот на опозициската Демократска партија на Албанците Зијадин Села по повод изјавите на ТВ-водителот и поранешен спортски коментатор Миленко Неделковски на неговиот профил на „Фејсбук“.

Нарекувајќи ги етничките Албанци со име што тие го сметаат за навредливо, Неделковски на својот профил напишал дека за шест години во својата ТВ емисија нема покането ниту еден муслиман или Албанец, дека „тие се Македонци со погрешна вероисповест“, како и дека „ги множи со нула“.

Потенцирајќи дека водителот Неделковски себеси се промовира како „пријател на премиерот Никола Груевски“, порталот „Плусинфо“, ги пренесува и острите реакции на другите албански партии. Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, изјавил дека „болен човек нема што да се коментира, тој треба да се лечи“. Според Џафери, Неделковски се излажал ако сметал дека ќе предизвика конфронтации, но најави и реакција на ДУИ „доколку се утврди дека (Неделковски) навистина тоа го рекол“.

Осуда за говорот на омраза и за ширењето на меѓунационална и меѓуконфесионална нетрпеливост на Фејсбук имаше и од Националната демократска преродба, партија на градоначалникот на Гостивар, Руфи Османи. Партискиот портпарол, Армир Рамадани, во медиумите го осуди настапот на Неделковски, потенцирајќи дека сепак, најголем виновник за за навредите кон Албанците е актуелната власт.

„Треба што поскоро да се спречи ваквото нарушување на меѓуетничките односи, а власта е најодговорна, таа треба да ги казни ваквите неодговорни постапки“, изјавил Рамадани.

И телевизијата со национална концесија „Канал 5“, на која Неделковски има авторска емисија со контроверзни содржини што често предизвикуваа реакции на навредените лица, но и на дел од јавноста, се огради со соопштение во кое се вели: „Канал 5 телевизија се оградува од јавните и приватните ставови на Миленко Неделковски и ги осудува сите изјави и реакции објавени во медиумите или на социјалните мрежи кои можат да предизвикаат етнички или верски тензии“.

И додека низ медиумите се анализираат можностите за спречување на пласирањето на говорот на омраза на социјалните мрежи и за блокирање на истапите како последниот на Неделковски на „Фејсбук“, засега немаше коментар од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Медиумите, пак, кои не го третираа скандалот со Неделковски, деновиве потенцираат дека на социјалната мрежа „Фејсбук“ биле објавени фотографии на кои Александар Цветановски, член на младинската организација на опозициониот СДСМ, според нив, промовирал насилство. На фотографиите - Цветковски, кој инаку е опозиционен советник во скопската Општина Центар, бил со вперен пиштол, „а на повеќе слики е со огромна количина алкохол“. На прозивките во медиумите за ова, ни опозиционата СДСМ не излезе со реакција.

XS
SM
MD
LG