Линкови за пристапност

Екстремни временски услови на повидок


Меѓувладин панел за климатски промени предупредува на уште повеќе настани кои – може да не ви се допаднат.

Екстремното време одбележа поголем дел од 2011-та. За Бил Винг се` започнало пред една година кога торнадо го зафатило градот Синсинати, Арканзас.

„Звучеше како воз да поминува. Можевте да го почувствувате ветрот како ниша се` околу вас, како земјотрес“, се сеќава Винг.

Ова торнадо конкретно е меѓу 1.600-те кои се појавија во САД минатата година. Истиот модел на екстремни временски услови беше почувствуван и ширум целиот свет. Во Тајланд паднале дождови 80% повеќе од просечните врнежи од дожд во сезоната. Претходната година Русија го искуси најтоплото лето во период од 500 години.

„Очигледно е дека топлотните бранови се во пораст како по бројност, така и по времетраење, како и тоа дека е зголемен бројот на настани карактеристични со екстремни временски услови“, вели Раџендра Пачаури од Меѓувладиниот панел за климатски промени.

Тој истакнува дека трендот, според анализите, може да продолжи со самиот пораст на температурите.

„Доколку правите проценки за иднина се точни, ќе откриете дека топлотните бранови што се случуваа еднаш на 20 години, до крајот на векот ќе се повторуваат секои две години“, додава Пачаур.

Иако нема докази што го поврзуваат глобалното затоплување со специфичните локални временски настани, Пачаури вели дека повисоките температури, поттикнати со зголемено ниво на јаглерод диоксид и испуштање на други штетни гасови со согорување на фосилни горива, ќе биде поттик за интензивни суши, поројни дождови и други временски непогоди.

А познато е дека екстремните временски катастрофи чинат и пари, во просек 80 милијарди долари годишно.

И што да се стори за тоа? Стручњаците велат – клучот е во прилагодување на промените. Како? Тоа е друга, подолга, приказна.

Анализата на речиси 600 страници е резултат на 220 автори од 62 земји ширум светот.

XS
SM
MD
LG