Освен доколку европските водачи не преземат решителна акција, на берзите ширум светот и натаму ќе владее немирна ситуација, коментираше американскиот претседател Барак Обама на денешната заедничка прес-конференција со австралиската премиерка Џулија Гилард во Канбера.
Обама кажа дека европското раководство треба да создаде „конкретен план“ со што ќе им покаже на финансиските пазари дека еврото ќе биде безбедно и покрај кризата со задолженоста. САД тесно соработуваат со европските претставници а водачите како францускиот претседател Никола Саркози и германската кацеларка Ангела Меркел имаат искрена желба да ја решат кризата, смета американскиот претседател.
Па сепак, за Обама главната пречка во овој момент за еврозоната е „проблемот на политичка волја“, додавајќи дека и натаму длабоко загрижен за влијанието на европската криза врз светската економија.
Вторникот во Вашингтон, пак, секретарот за финансии Тимоти Гајтнер изјави дека европските претставници треба да преземат акција за да не зостануваат зад линијата по која се движи пазарот. Гајтнер верува дека Европската унија бележи постепен напредок и дека решението и натаму е на дофат.