Шефовите на дипломатии на ЕУ се согласија да ја обноват мисијата за надгледување на ембаргото за оружје во Либија. По средбата со европските колеги, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас најави дека поморски бродови ќе бидат распоредени во Средоземното море да ја зајакнат забраната.
Германскиот министер за надворешни работи изјави дека планираната мисија на ЕУ е голем чекор кон исполнување на заложбата на Унијата во Берлин минатиот месец на меѓународната конференција за да се зајакне ембаргото за оружје со цел да се стабилизира Северноафриканската држава.
„Сите се согласивме да креираме мисија да спречиме влез на оружје во Либија“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо, по средбите во Брисел. Новата мисија е оживување на операцијата Софија, која беше двојна мисија, лансирана во 2015-та, за сузбивање на трговијата со луѓе од Северна Африка во Европа, во време кога даваше поддршка за ембаргото со оружје на ОН во Либија.
Но, неколку набљудувачи сметаат дека новата мисија ќе има влијание врз поморската флота на ЕУ и ќе биде распоредена најмалку 100 километри од либискиот брег.
Операцијата Софија беше именувана по бебе од сомалиска имигрантка, родено на германски брод во 2015-та. Нејзината мајка го одбра името по сугестија од лекарите кои помогнале да се породи.
Во неодамнешно интервју, австрискиот канцелар Себастијан Курц предупреди дека поморската мисија може да биде „билет за Европа за илјадници илегални мигранти“. За весникот Ди Велт, тој рече дека новата мисија со бродови и регати по Средоземното море може да охрабри уште еден наплив или бран на мигранти. Според, меѓународните поморски закони, било каков брод, воен или цивилен, е обврзан да спаси луѓе во неволја на отворено море.
Либија е клучна кота од каде мигранти и баратели за азил заминуваат кон Европа.
Но, според министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн, точката од меѓународното поморско право со која треба да се спасуваат мигранти на отворено море по секоја цена ќе биде ревидирана.
Шефот на италијанската дипломатија Луиџи ди Мајо изјави дека бродовите на ЕУ се покажаа дека се магнет за мигрантите, очајни да стасаат до Европа, и оти таквата мисија треба да се стопира.
Хуманитарните организации ги критикуваа критериумите во новата поморска мисија.
„Ова е загрижувачки од хуманитарен и од аспект на човековите права. Според меѓународните поморски прописи, секоја држава треба да спаси лица во опасност. Предлогот е спротивен – да се повлече можноста за помош, ако некому му е потребна на отворено море.“, објавија од невладината организација Дански Совет за Бегалци.
Facebook Forum