Од Британија до Германија, партиските лидери на водечките партии не можат да одговорат на порастот на поддршката за Зелените партии и растечката загриженост во јавноста за евентуалните последици врз глобалните климатски промени.
Зелените стекнаа поголема политичка моќ на изборите за Европскиот Парламент и дури 48% од гласачите ги идентификуваа климатските промени како најголема грижа. Истражувањето на јавното мислење во Германија ги стави Зелените над Христијанско-демократската партија на Ангела Меркел, која заедно со помалиот коалиционен партнер во владејачката коалиција е во трка со времето по унапредување на политиката за климатските промени.
Во Британија, премиерката во заминување Тереза Меј, заедно со повеќето од кандидатите за преземање на нејзината функција, минатата недела најавија амбициозен план за намалување на јаглеродниот диоксид во атмосферата, при што со закон се обврзаа до 2050, Британија, да стане прва голема економија со нула емисија на гасови.
И други европски држави ќе го следат примерот, а некои помали земји, вклучувајќи ги Финска и Норвешка, планираат да го сторат истото до 2050-та и да станат земји со нула испуштање јаглероден диоксид.
Во истражувањето на јавното мислење во Британија откако Меј ја најави целта за поголема заштита на животната средина, испитаниците одговорија дека немаат желба да учествуваат во намерите на владата да стаса до целта – во 2050 да има нула емисија на гасови, што ќе се одрази врз буџетот на земјата меѓу 26 и 52 милијарди долари. Тоа е околу еден до два проценти од бруто-домашниот производ на Британија.
Гринпис објави дека Европејците главно го префрлаат производството во Азија и во земјите во развој, каде има поефтина работна сила, а производството и натаму се одвива со јаглен.
Коалициониот партнер на канцеларката Ангела Меркел соопшти дека до средината на септември ќе одлучи како да ги затегне политиките за климатски промени и да ги преточи во закон. До 2030-та, емисијата на јаглеродни гасови ќе биде 55% пониска отколку на нивото во 1990-та.
Германија веќе го надмина прагот од 2020-та за намалување на емисијата на издувни гасови што беше договорена со ЕУ - големо разочарување за Меркел, која едновремено беше ословувана како „канцеларка за климатски промени“. Германија и натаму е зависна од јагленот и има планови да се префрли на нуклеарна енергија, но Берлин ја отфрли идејата по нуклеарната хаварија во Јапонија во 2011-та.
Германската влада исто така се соочува со силен отпор од лобито од моќната автомобилска индустрија кое негодува за зголемувањето на цените на бензините и наглото префрлање кон електрични автомобили.
Германија може да го погледне соседот - Франција, каде протестот и демонстрации од “Жолтите елеци“ во руралните области за зголемувањето на даноците за бензин доведе до политичка криза и напнатост.
Facebook Forum