Линкови за пристапност

Лидерите на Г-8 очекуваат критика


Самитот на осумте најразвиени во светот ќе се одржи во петок во близина на Вашингтон.

Германија и Франција, како дел од Групата осум индустријализирани земји, се очекува да бидат на мета на критики на престојниот самит на Групата, во Кемп Дејвид во близина на Вашингтон.

Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека средбата на европските лидери доаѓа во вистинско време.

„Заедно треба да работиме понапорно од кога и да е порано, за да ги елиминираме големите долгови“, истакна Меркел, додавајќи дека тоа би било основа за стабилен и одржлив развој.

Како надополнување на економската криза, Грција се соочува со политички проблеми. Неодамнешните парламентарни избори во земјата завршија неуспешно и граѓаните наредниот месец ќе излезат повторно на гласање.

Лидерите на Групата кои не се од Европа се очекува да имаат едноставна порака за еврозоната, вели Стефани Рикард од Школата за економија во Лондон.

„Мислам дека ќе кажат – Европејците треба да го решат проблемот, дека ова не е прашање на САД, не е на Канада, ова е прашање на Европа и таа треба да го реши“, вели Рикард.

Лидерите на ЕУ помош побараа од кинеската економија во подем, но Пекинг се чини нема да излезе во пресрет, смета професорот Стив Цанг од Институтот за кинеска политика при Универзитетот Нотингам.

„Од нивна перспектива, нема причина зошто вредните Кинези би ја вложувале својата тешко заработена готовина за да спасуваат мошне богати и на одреден начин мрзеливи Европејци“, вели овој експерт.

На самитот нема да присуствува рускиот претседател Владимир Путин. Официјална Москва истакна дека тој има домашни прашања со кои треба да се справи.

„Ова потенцијално претставува пукнатина во организацијата, проблематично за иднината на Г-8 и за иднината на глобалната соработка“, вели Стефани Рикард.

Свое деби на разговорите како овие ќе има новоизбраниот претседател на Франција, Франсоа Оланд.

XS
SM
MD
LG