И покрај инсистирањето на фасадата за обединетост, Самитот на ЕУ од неделата беше полн со тензии што тешко се прикриваа.
Француските весници на насловните страници излегоа со написи за конфликтот меѓу претседателот Николас Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел, иако официјалната верзија беше дека разговорите се на добар пат.
Европските банки ќе бидат приморани да соберат 100 милијарди евра нов капитал за да се заштитат од загуба. Давателите на заеми ќе треба да простат преку 21% од долгот на Грција за кој беше постигната согласност во јули годинава.
Најмногу прашина се крева околу таканаречениот фонд за спас во редовите на Унијата.
Аналитичарите велат дека актуелните 440 милијарди евра се премалку за да се спасат Шпанија или Италија доколку и тие имаат проблеми.
Францускиот претседател Саркози вака го образложи своето гледање за зголемување на приходите.
„Ги потсетивме сите наши европски партнери за нашата врзаност со воведување на данок за финансиските трансакции. Ние сите заеднички се обврзавме на тоа и имаме намера да се придржуваме на договореното.“
Британија, која не е дел од евро-зоната, се противи на воведување на ваквиот данок, со оглед на фактот што нејзината економија во голем дел зависи од финансиските услуги. Премирот Дејвид Камерон истакна дека членовите на единствената валута не треба да ја диктираат политиката на целата Унија.
Промена на договор може да се случи само доколку постои согласност меѓу сите 27 земји-членки на ЕУ и секоја промена, како што беше минатиот пат, е можност Британија да ги напредне своите национални интереси.
Англо-франциските тензии се продлабочуваат. Саркози е цитиран како му кажува на својот британски колега дека „му е смачено од него со критиките спрема Франција и кажување на сите што да прават.“
Лидерите на ЕУ утре повторно ќе се состанат за да го финализираат договорот за спас на економијата. Многумина се надеваат дека можеби ова е почетокот на крајот на должничката криза во Европа. Но речиси исто толку веруваат во спротивното.