Извештајот на Европската комисија (EK) за напредокот на Македонија се најде во Собранието. Во тек е жестока дебата меѓу пратениците на владеачкото мнозинство и опозицијата.
Пратениците кои ја подржуваат Владата сметаат дека извештајот е позитивна оценка за реформските процеси во Македонија спроведени во изминатава година со самото тоа што ЕK и овојпат, по третпат, препорачува Македонија да зпаочне преговори за членство. Наспроти ова, опозиционерите тврдат дека документот на ЕК е доказ за отсуството на реформи и закочување на реформските процеси предвидени со европската агенда.
„Извештајот на Европската комисија ни покажа она што сите го знаеме, а тоа е дека постојат проблеми со администрацијата, независноста на судството, слободата на изразувањето и корупцијата“, изјави пратеничката од СДСМ Радмила Шеќеринска.
За власта, пак, единствениот проблем што го има Македонија за да започне пореговори е Грција, а не квалитетот на реформите што ги спроведува Владата.
„Можеме колку сакаме да бараме игла во сеното, но мора да сфатиме дека македонската јавност знае, политичката јавност знае, дипломатската јавност знае, единствената суштинска и досега постоечка причина зошто Македонија не ги почна преговорите за членство е блокадата од страна на една земја-членка“, вели Антонио Милошовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозиционерите ја искоритија собраниската расправа да ја обвинат власта што во извештајот на ЕК е изоставена придавката македонски, а поради што Владата упати остри реакции на адреса на комесарот за проширување на ЕК Штефан Филе.
„Ако до 2006-та година јазикот беше македонски во секој извештај, а државата стануваше земја-кандидат и покрај спорот со Грција, САД донесе одлука за признавање под нашето уставно име, зошто оттогаш до денес драматично ги губиме позициите? Нашите квазипатриоти повеќе ја сакаат власта отколку државата. Затоа за македонскиот јазик зборуваат тука, но молчат кога се во Брисел, Париз, Берлин, и не излегуваат со аргументи“, изјави Шеќеринска од собраниската говорница.
На овие наводи, претставниците на владејачкото мнозинство ја обвинија Грција и нејзиното влијание во европската администрација, но и македонската опозиција, која, велат, не ја подржува власта во напорите за зачувување на идентитетот.
Социјалдемократите на денешната собраниска расправа предложија формирање на кризен штаб поради, како што рекоа, се` подлабоката политичка, економска и социјална криза во која запаѓа државата. Владеачкото мнозинство го отфрли предлогот.
Дебатата во Собранието на оваа тема продолжува и утре и треба да заврши со усвојување на заеднички заклучоци.