Линкови за пристапност

Забавувањето за Брегзит се одразува врз политичката кариера на премиерката Меј


Се погласни повиците на јастребите во Конзервативната партија дека можеби е потребна смена во врвот

Периодов е окарактеризиран како „момент на одлука“ за обременетите преговори за Брегзит, што се пролонгираат веќе една година.

Има зголемено негодување на тврдокорните во Конзервативната партија на премиерката Тереза Меј од евентуалниот исход од средбата во Брисел дека Британија и преговарачките партнери може да ги продолжат преговорите за уште неколку месеци. Британската премиерка на колегите им предочи дека е отворена за идејата од пролонгирање на британската транзиција надвор од ЕУ, над зацртаната временска рамка од декември 2020-та.

Нејзината отстапка е дел од обидот да најде решение за ќорсокакот со проблемот со пограничните премини долж 500 километарската граница којашто ги разграничува Република Ирска и Северна Ирска, кога Британија ќе ја напушти ЕУ.

Премиерката Меј се заложи да ја остави границата отворена меѓу двата дела на ирскиот Остров, иако Британија може да ја напушти Унијата без договор за слободно тргување. Ирската влада инсистира на отворена граница од Британија, согласно Договорот од Велики Петок од 1998-ма, којшто беше постигнат меѓу Лондон, Даблин, и повеќето политички партии и вооружени фракции во Северна Ирска коишто ставија крај на децении насилство во Северна Ирска.

Половина од поранешните министри од Конзервативната партија, вклучувајќи го и поранешниот шеф на дипломатијата Борис Џонсон, којшто не ги крие амбициите да ја замени Меј, луто реагираа на нејзините најави за отстапки.

Можноста, Меј да се согласи на подолг период на транзиција ги обнови повиците на јастребите од Конзервативната партија да побараат нејзина оставка. „Ако Тереза Меј бара подолг период на транзиција, таа го забавува процесот. Време да му го отстапи местото на некој кој може да преговара и да донесе резултат“, се огласи преку Твитер, пратеничката од редовите на Конзервативната партија Надин Дориес.

Британските евро-скептици се противат Британија да остане во царинска унија со ЕУ, што е крајна цел на премиерката Меј, зашто ќе ја ограничи можноста на Британија да склучи трговски договори ширум светот, и да ги наметнува своите даночни прописи.

Во меѓувреме, позицијата јакне меѓу британските законодавци коишто ниту сакаат Британија да ја напушти ЕУ, ниту сакаат Лондон да ги задржи блиските врски со Унијата. Повеќето од нив, ги поддржуваат повиците за уште еден референдум за членство во ЕУ, но барем, засега, тоа нема изгледи со оглед на поделениот состав на Парламентот како и меѓу редовите на самата владејачка партија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG