Линкови за пристапност

Електричните автомобили во САД пред предизвик


Се` уште релативно скапи, се` уште силна конкуренција од возилата на бензин.

Електрични автомобили – поважни факти

Шевролет Волт

  • До 75 километри без бензин.

  • 16 километри на еден литар бензин/еквивалент на 40 километри по литар комбинирано

  • Продажна цена 39.995 долари.
  • Тојота Приус плаг-ин

  • 1.023 продадени возила во февруари.
  • До 24 километри без бензин
  • 21 километар на еден литар бензин/ еквивалент на 40 километри по литар комбинирано
  • Во продажба од март 2012-та

Џенерал моторс донесе не така лесна одлука кога започна со производство на автомобилот на електрично напојување Шевролет Волт, а дел од аналитичарите се` уште се обидуват да ги предвидат долготрајните последици од овој чекор врз автомобилската индустрија во САД.

Фредерико Гудсед од Вашингтон, кој поседува ваков автомобил, тврди дека возилото е толку тивко што буквално може да се прикраде зад некого. Му се допаѓа и тоа што не мора често да застанува на бензинската пумпа. Со едно полнење, акумулаторот на Волт ќе издржи до 75 километри, а потоа може да се префрли на генератор на бензин за дополнителни 550 километри. Гудсед го напојува автомобилот дома, вклучувајќи го како и сите домашни апарати - во штекер. На располагање му се и напојните станици во главниот американски град.

Нил Копит, кој продава автомобили во сојузната држава Мериленд, близу Вашингтон, вели дека електричните возила не остануваат многу време во изложбениот салон.

„Во моментов нарачуваме два нови шлепери со нив бидеќи немаме доволно за сите кои се заинтересирани“, раскажува Копит.

Токму на вакво позитивно расположение се надеваше претседателот Барак Обама при неодамнешната посета на погонот за производство на Шевролет Волт, за да ја подвлече важноста на владиниот заем од повеќе милијарди долари што ја спаси Џенерал моторс од банкрот.

„Произведувате автомобили на иднината“, изјави тој.

Но, и покрај се`, Волт не ја достигна предвидената продажбата за 2011-та година, а според компанијата, таа оди бавно и во првите два месеца од оваа година. Затоа, Џенерал моторс најави дека привремено - за пет недели - ќе го запре производството, што го покрена прашањето за иднината на електричните автомобили во САД.

Ласеј Плаше од Интернет-страницата Едмундс (Edmunds.com), специјализирана за автомобилската индустрија, вели дека основниот проблем е што електричните автомобили се многу поскапи од обичните. Тој предвидува дека бензинот треба двојно да поскапи (од 8 до 10 долари за галон) пред возачите да имаат корист од префрлањето на електричен погон, а додава и дека производителите нудат се` поекономични модели што користат бензин . Токму тоа создава се` уште силна конкуренција за електричните возила.

Друго прашање е недоволниот број јавни пунктови за електрично напојување. И покрај предизвиците, некои аналитичари предвидуваат дека ситуацијата ќе тргне толку на подобро што за две години, на пазарот во САД ќе има дури 20 различни електрични автомобили.

XS
SM
MD
LG