Едвард Џозеф, долгогодишен аналитичар во Вашингтон и познавач на состојбите на Балканот ја коментира средбата меѓу премиерот Груевски и потпретседателот Бајден во Белата куќа и што тоа значи за политичката иднина на македонскиот премиер.
„Мислам дека премиерот Груевски примил мошне сериозна порака од потпретседателот Бајден овде во Вашингтон. Мислам дека Вашингтон е детерминиран да види дека Договорот е Јули е имплементиран, што значи дека премиерот Груевски ќе се повлече, ќе биде формирана преодна влада, која ќе ги организира изборите во следните 100 дена“, изјави Џозеф.
Во официјалните кругови во САД, според Џозеф, владее мислење дека Македонија минала низ сериозна политичка криза во 2015-та и оти демонстрациите и протестите можеле да водат во внатрешен конфликт во самото општество.
„Апсолутно е императив премиерот Груевски да го почитува договореното од Договорот во Пржино, но исто и опозицијата, кои ставија потпис со посредство на ЕУ. Да се повлече и овозможи формирање преодна влада. Мислам дека тоа е порака што ја добил и од потпретседателот Бајден“, коментира Едвард Џозеф.
Аналитичарот Џозеф коментира: доколку премиерот Груевски не го испочитува договореното од Пржино, а според него веројатно ќе ја добие и истата порака денеска од еврокомесарот Хан во Скопје, ќе биде подложен на сериозни последици. Меѓутоа, истото важи и за однесувањето на опозицијата во овие клучни моменти за земјата, смета овој американски аналитичар и добар познавач на Балканот.