Линкови за пристапност

Невработеноста во САД во декември нагло паднала на 6,7%


Па сепак, во истиот период биле отворени само 74.000 нови работни места

Стапката на невработеност во САД во декември нагло паднала на 6,7% - најниско ниво во последниве пет и нешто години, но во истиот период биле отворени само 74.000 нови работни места, според денес објавените редовни владини економски податоци.

Невработеноста во ноември изнесуваше 7%. Дел од наглиот пад се должи на работниците кои прекинале да бараат работа, со што не биле вброени во најновата владина статистика.

Невработеноста беше над 7% проценти по првите знаци на рецесијата, на крајот на 2008-ма, но се намали за 1,2% во текот на 2013-та.

Економистите предвидуваа дека пазарот на трудот минатиот месец ќе нарасне за 191.000 работни места, врз основа на зголеното вработување во октомври и ноември. Но, слабата бројка на нововработени во денес објавената статистика укажува дека економијата забавила во последните недели на 2013-та. Гледано во глобала, економијата во САД последниве неколку месеци бележи постојан, иако на моменти и нерамномерен пораст.

Џенет Јелен, која наредниот месец ќе ја прземе функцијата претседавачка на федералните резерви - американската централна банка - вели дека креаторите на економската политика се оптимисти дека економијата ќе нарасне за 3% па и повеќе годинава. Тоа е повеќе од 2.6%, колку што изнесуваше растежот во првите девет месеци на 2013-та.

Преку една година, Федералните резерви месечно купуваа обврзници во вредност од 85 милијарди долари, за да внесат пари во економијата и така да го зајакнат растежот на работните места, водено задржувајќи ги каматните стапки на ниско ниво. Сега, со фактот дека економијата закрепнува, централната банка започна да ја намалува директната поддршка, скратувајќи го купувањето на обврзници месецов на 75 милијарди долари, а би можела да запре да ги купува уште кон крајот на 2014-та.

Иако економијата покажува знаци на подобрување, во САД се` уште има 10,4 милиони невработени, а многумина од нив бараат работа веќе подолго време. Претседателот Барак Обама и републиканските конгресмени спорат околу тоа дали треба да се продолжи социјалната помош за оние кои подолго време не можат да најдат работа. Околу 1,3 милиони лица останаа без таа помош откако и` измина рокот кон крајот на декември, а многу повеќе ќе останат без истата во наредните месеци.
XS
SM
MD
LG