Линкови за пристапност

САД критикувани за односот кон самитот за климатски промени


САД критикувани за односот кон самитот за климатски промени
САД критикувани за односот кон самитот за климатски промени

Едно од прашањата за САД е тешкотијата во обезбедување пари за фондот

Едно од главните прашања на овогодишниот самит за климатски промени што се одржува Дурбан, Јужна Африка, е имплементација на таканаречениот Зелен климатски фонд.

Идејата, за која беше постигната согласност на претходниот самит во Канкун, Мексико, е да се соберат средства и земјите во развој да можат да го намалат интензитетот на испуштање на штетните гасови, како и да се адаптираат на неповолните последици на климатските промени.

Повеќето од земјите-членки на комисијата што го креираше фондот се согласи на условите на состанок одржан во октомври, со исклучок на САД и Саудиска Арабија, што предизвика критики.

Американскиот заменик специјален претставник за климатски промени Џонатан Першинг, за Гласот на Америка изјави дека едно од прашањата за САД е како ќе се обезбедат пари за тој фонд.

„Сметаме дека голем момент во финансирањето на фондот за климатски промени ќе бидат инвестициите во приватниот сектор, а целта е фонд како овој да ги поттикнува инвестициите што е можно поефикасно. Во моментов тоа не се случува на ниво на кое треба да се случува. Мислиме дека одредени промени во начинот на кој се кажуваат работите ќе ги отвори вратите за подобрување на ситуацијата“, изјави Першинг.

Зелениот климатски фонд би бил голем составен дел од договорот постигнат во Канкун за собирање на 100 милијарди долари до 2020-та година за финансирање на климатските проекти.

Во актуелната форма, фондот веќе дозволува инвестиции од страна на приватниот сектор.

Но постои доза на загриженост од страна на одредени групи.

Сашанка Тиликасири, меѓународен политички советник за хуманитарната група Окфам, на пример, потенцира дека е важно приватните компании да ја сносат одговорноста.

„Приватниот сектор има своја улога. Секторот има огромен капитал што може да го инвестира на вистински начин. Но, токму тоа значи дека приватниот сектор ќе има директен пристап до одредени проекти. Кога зборуваме за финансирање на проектот за климатски промени, од особена важност е се `да се одвива преку фондот, а одредена земја да може да одлучи како парите ќе бидат потрошени“, изјави Таликасири.

Оваа група неодамна испрати писмо до американската државна секретарка Хилари Клинтон, заедно со уште 15 други организации, во кое изразува загриженост за американската политика околу разговорите за климатски промени. Една од критиките беше дека американските негодувања поврзани со Фондот, можат да ја попречат неговата имплементација.

Воедно, американските преговарачи се повикуваат да бидат пофлексибилни во нивното одбивање да прифатат легална обврска за намалување на испуштањето на издувни гасови, вклучувајќи ја спогодбата со Протоколот од Кјото.

Програмата ги поддржува програмите за шуми, енергија и адаптација ширум светот. САД неодамна соопштија дека собрале три милијарди долари годинава, за милијарда повеќе од лани.

XS
SM
MD
LG