Во САД има 20 милиони лица со посебни потреби на возраст меѓу 18 и 64 години, што се најпродуктивните години. Близу 80% од нив немаат целосно работно време или пак редовно вработување. Активистите за права на овие лица велат дека најголем дел од работодавците не обезбедуваат услови за нив. Но, еден иновативен американски производител го чини токму спротивното, адаптирајќи секој аспект од бизнисот.
Од машините за шиење во фабриката Пекам, во Лансинг, сојузната Мичиген, месечно излегуваат околу 300 илјади парчиња облека за американската армија.
1.200 работници работат во две смени за да одговорат на роковите на нарачките.
Тоа не би било необично, освен ако 85% од работниците се со значително ограничени способности - слепи, глуви, емоционално трауматизирани или со ментална болест.
“Работниците Бен и Чак се слепи, но сепак, ние им овозможивме секојдневно да учествуваат во производството“, вели менаџерот Ед Терис.
Пекам е непрофитна организација, која обучува и вработува луѓе со посебни потреби. Користи таканаречена „технологија за помагање“, за полесна интеракција на овие лица.
Се` во фабриката е прилагодено на лицата со специјални потреби, на пример специјална маса, дизајнирана да им помогне на работниците да ги исечат конците од облеката, раскажува Терис.
Поголем дел од животот Мери Роуз Хајбор страдала од недостиг на внимание и опсесивно-компулсивно нарушување. Пред да дојде во Пекам, морала често да менува работа, што ја чинело многу – и емоционално, и финансиски.
„Мислев дека нешто не е во ред со мене, дека не работам како што треба затоа што не сум мотивирана“, се присеќава Хајбор.
Но менаџерите во Пекам брзо ја преместувале од една на друга задача, за да и` го држат вниманието. Сега таа ги надгледува другите работници.
Пекам е основана делумно од програма на федералната влада, која купува добра и услуги од непрофитни организации што вработуваат лица со посебни потреби. Но, се` додека овозможувањето на работни услови за овие лица не стане редовна пракса, милиони од нив ќе останат - неискористена работна сила.