Линкови за пристапност

Денис Хастерт обвинет дека се обидел да плати 3,5 милиони долари на непознато лице


Наводно, поранешниот претседател на Претставничкиот дом сакал да го спречи лицето да не открие тајна за несоодветно однесување во минатото

Против Денис Хастерт, поранешниот претседател на Претставничкиот дом е покренато обвинение коешто го товари овој републиканец дека се согласил да плати 3,5 милиони долари на лице за да не открие тајна за „претходно несоодветно однесување“. Лицето го познавало Хастерт долги години, уште кога работел како наставник.

Вчера испорачаното концизно обвинение на Федералната голема порота го обвинува Хастерт дека се согласил да плати пари на лице именувано во документот само како „Поединец А“ за да го „компензира и за да сокрие свое претходно несоодветно однесување“ против тоа лице. Во обвинението се наведува и дека 73-годишниот Хастерт од 1965-та до 1981-ва бил наставник и тренер во средно училиште во местото Јорквил, западно од Чикаго. Наводно, „Поединецот А“ бил жител на Јорквил и го знаел Хастерт поголемиот дел од својот живот, но обвинението не опишува каква била нивната врска.

Правни стручњаци наведуваат – фактот дека федералните обвинители го наведуваат работниот стаж на Хастерт во Јорквил во почетните реченици на обвинението сугерира некаква врска меѓу наводите во него и тој дел од животот на Хастерт.

„Забележете го текстот што говори за него како наставник и тренер“, коментира Џеф Крамер, поренешен федерален обвинител, а сега на чело на чикашката канцеларија на компанијата „Крол“ којашто нуди консултативни и истражни услуги. “Федералните обвинители не вметнуваат таков текст доколку не е релевантен“, вели Крамер.

Хастерт не беше многу познат во јавноста кога, како конгресмен од предградијата на Чикаго, беше избран да го замени конзервативецот Њут Гингрич на местото претседател на Претставничкиот дом. Хастерт беше избран откако фаворитот, конгресменот од Луизијана Боб Ливингстон даде оставка, признавајќи вмешаност во неколку сексуални афери.

Како претседател на Претставничкиот дом, Хастерт помогна во телото да мине легислативната агенда на тогашниот претседател Џорџ В. Буш. Во негово време беа усвоени големото даночно скратување и зголемувањето на федералните бенефиции за лековите на рецепта. Тој се повлече од Конгресот во 2007-ма, по осум години како претседател на Претставничкиот дом, најдолго што еден републиканец минал на оваа функција. Додека беше на позицијата, Хастерт според правилата беше втор по ред да го замени претседателот во случај тој да не може да ја врши должноста.

Една од точките на обвинението го товари дека подигнал од банка вкупно 952.000 долари во поединечни, помали суми од под 10.000 долари за да избегне сомнение. Според друга точка, тој дал лажна изјава на ФБИ за причината на подигањето на парите. Секоја точка поединечно може да донесе максимална казна затвор од пет години и парична казна од 250.000 долари.

Хастерт не одговори на електронските и телефонски пораки од Асошиетед прес со барање за коментар на обвинението. Тој работеше во Вашингтон како лобист, речиси цело време откако замина од Конгресот, но си дал оставка во „Дикстејн Шапиро“, според вчерашната изјава на портпарол на оваа компанија за лобирање.

Според обвинителите, на Хастерт ќе му биде наложено да се појави пред суд во врска со обвинението, но датумот се` уште не е одреден.

Обвинението наведува дека Хастерт подигнал вкупно 1,7 милиони долари во готово од различни банки од 2010-та до 2014-та, а потоа ги предал парите на „Поединецот А“. Во документот се тврди и дека Хастерт се согласил да плати по повеќекратни средби во 2010-та. Наводно, „за време на една од средбите, „Поединецот А“ и обвинетиот разговарале за несоодветниот однос во минатото на обвинетиот против „Поединецот А““ и Хастерт се согласил да плати вкупно 3,5 милиони долари за лицето да не проговори за тоа. Според обвинението, Хастерт не ја исплатил целата сума.

XS
SM
MD
LG