Линкови за пристапност

Берни Сандерс – мета на напади од другите демократски претседателски кандидати во Јужна Каролина


10-та претседателска дебата на демократите се одржа во Чарлстон

Демократските претседателски кандидати го нападнаа водечкиот во анкетите, но и на досегашните примарни избори, сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, истакнувајќи дека самонаречениот демократски социјалист ќе загуби од републиканецот Доналд Трамп на изборите во ноември, ако стане партиска номинација.

„Берни ќе загуби од Трамп и Претставничкиот дом и Сенатот ќе бидат со републиканско мнозинство“, изјави поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг во Чарлстон, на 10-тата дебата на демократите, на четири дена пред одржувањето на примарните избори во ова сојузна држава.

Сандерс, пак, аргументирајќи зошто е најдобар кандидат, истакна дека во националните истражувања, во најмалку 50 хипотетички соочувања во Трамп, Берни би победил во 47.

Друг претседателски кандидат, сенаторката од Масачусетс Елизабет Ворен, долгогодишна сојузничка на Сандерс, изјави дека би била подобра претседателска од Берни и оти ќе турка прогресивна агенда, ако победи во трката за Белата куќа.

Поранешниот потпретседател Џо Бајден има тесна предност пред Сандерс во најновите анкети спроти гласањето во Јужна Каролина, а во залог е освојување на 54 делегати.

Но, аналитичарите не исклучија Сандерс да победи во Јужна Каролина. Следното гласање е на 3-ти март, таканаречениот супер-вторник, кога се гласа во 14 сојузни држави, а во игра се 1357 делегати.

XS
SM
MD
LG