Линкови за пристапност

Буџетскиот дефицит на САД достигна рекордни 204,9 милијарди долари


Рекордни 204,9 милијарди долари достигна буџетскиот дефицит на САД во ноември, пренесува Асошиејтед прес. Според податоците од месечните извештаи, дефицитот е за 66,4 милијарди долари повисок во однос на истиот месец минатата година.

Сепак, 44 милијарди од новата пресметка ги отсликуваат плаќањата за бројни владини програми, што годинава се направени уште во ноември, зашто први декември се падна во сабота.

Во првите два месеца од буџетската година, дефицитот достигна вкупни 305,4 милијарди долари, што е за 51,4 проценти повеќе во однос на истиот период лани. Проекцијата од Администрацијата на Трамп е дека годинава вкупниот дефицит ќе достигне трилион долари, што е одраз на зголемените државни трошоци, како и од намалениот приход од кратењето на даноците.

Новиот извештај ги покажува и покачените тарифи што ги наметна претседателот Доналд Трамп во царинските давачки. Во ноември е регистриран прилив од шест милијарди долари, што е раст за 99 проценти во однос на истиот период минатата година.

Претседателот најави дека новиот буџет ќе биде објавен во февруари и ќе содржи кратење од пет проценти на трошоците за домашните агенции, а со дел да се намали дефицитот. Администрацијата во Вашингтон очекува раст и на државните приходи како резултат од забрзаниот економски раст после минатогодишното кратење на даночните давачки.

XS
SM
MD
LG