Линкови за пристапност

Последна тв-дебата на републиканските претседателски кандидати


Последна тв-дебата на републиканските претседателски кандидати
Последна тв-дебата на републиканските претседателски кандидати

Надворешната политика и националната безбедност беа теми на кои учесниците се обидоа да се издвојат од другите.

Републиканските претенденти за претседателската функција во последната телевизиска дебата за време на кампањата, дебатираа за начините за справување со ситуацијата во Пакистан, Авганистан и иранската нуклеарна програма.

За американската помош во Пакистан, гувернерот од Тексас Рик Пери рече дека доколку биде избран на функцијата би ја скратил помошта се` додека пакистанската влада не направи одредени промени.

„Заклучокот е што тие на повеќе наврати ни покажале дека не може да им се верува и додека не ни покажат дека на ум го имаат најдобриот интерес на САД, не би им испратил ниту цент“, истакна Пери.

Но, конгресменката од Минесота, Мишел Бакман посочи дека гувернерот Пери е наивен со својата теза, дека американската помош е потребна за да се обезбеди пакистанската нуклеарна програма и да се задржи Пакистан како партнер во војната против тероризмот.

„Тие поседуваат нуклеарно оружје што потенцијално може да дојде во рацете на Ал Каида“, изјави Бакман.

Во однос на војната во Авганистан, поранешниот гувернер на Јута, Џон Хантсман, истакна дека дојдено е време кога поголемиот дел од американските трупи треба да се вратат дома.

„Не завршивме добра работа во дефинирањето и артикулирањето кој е нашиот краен рок во Авганистан и мислам дека американскиот народ е мошне уморен од оваа ситуација во која самите се ставивме“, рече Хантсман.

Гувернерот на Масачусетс Мит Ромни рече дека е против нагло повлекување на трупите и дека би ги следел препораките на американсктие команданти на теренот.

„Ова не е време за Америка да пресече и да избега“, рече Ромни.

На тема Иран и дали САД треба да поддржат евентуален напад на Израел врз Иран заради неговите нуклеарни амбиции, поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич истакна дека би застанал зад воена акција против Иран само како последна опција.

Мит Ромни, пак, кажа дека претседателот Барак Обама не бил доволно остар со Иран, иако актуелната администрација минатата недела воведе нова рунда санкции спрема оваа земја.

За само шест недели во САД официјално ќе започнат прелиминарните избори во чии рамки гласачите ќе изберат кој од овие осуммина претенденти ќе биде номиниран за републикански кандидат за претседател.

XS
SM
MD
LG