Новата администрација во Вашингтон ќе се соочи со бројни глобални акутни предизвици од јануари и проблемот меѓу Северна Македонија и Бугарија не би требало да се најде меѓу приоритетите, ако се размислува кон евентуален зголемен ангажман на САД за поддршка на процесот на проширување на ЕУ, предупредува аналитичарот Даниел Сервер од Универзитетот Џонс Хопкинс, долгодишен познавач на состојбите на Балканот.
Oфицијалниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е доведен во прашање поради можното бугарско вето за утврдување на преговарачката рамка и за одржување на првата меѓувладина конференција.
„Тоа е повеќе за прашања врзани со бугарскиот идентитет отколку за македонскиот. Исто како што беше со грчкиот, а не македонскиот идентитет. Ова се тешки прашања, но не би требало да се решаваат во рамки на процесот на преговори со ЕУ, туку на билатерално ниво, меѓу професори по историја, културни аташеа“, оцени овој аналитичар во Вашингтон.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ се среќаваат во Брисел за да ги разгледаат заклучоците кои треба да се усвојат на 8 декември, но...
„Важно е да сфати дека во случајот не се работи за Северна Македонија, туку за Бугарија и нејзино прифаќање на реалноста“, изјави Сервер.
Сепак, големи се шансите Софија повторно да стави вето за Скопје, поради историски различни толкувања.
„Отсекогаш е познато дека членките во ЕУ имаат многу поголема моќ од аспирантите за членство. Бугарија не го измисли процесот, туку таа се обидува да го искористи членство многу порано во процесот на проширување. Обично, тоа се случува во последните фази, во финишот на преговорите, кога една членка сака да изнуди отстапки од идната членка во ЕУ“, изјави Сервер.
Од друга страна, и Албанија можеби нема да ги почне преговорите поради неисполнување на одредените услови, усвојување на Законот против клевети и комплетирање на Уставниот суд. За ангажираноста од идната администрација во Вашингтон и очекувањата од неа за поголем ангажман на Балканот, Сервер, вели:
Не може да очекувате од новоизбраниот претседател Бајден дека ќе се зафати со решавање на овој проблем. Ова прашање не е ниту на листата на првите 100 глобални предизвици за Вашингтон. Македонија и Бугарија мора да најдат решение, во рамки на европскиот контекст.Сервер, аналитичар
„Мислам дека не треба да има големи очекувања од САД дека тие ќе извршат притисок кон Бугарија да не го кочи почетокот на преговорите за проширување на ЕУ, уште во оваа фаза. Не може да очекувате од новоизбраниот претседател Бајден дека ќе се зафати со решавање на овој проблем. Ова прашање не е ниту на листата на првите 100 глобални предизвици за Вашингтон. Македонија и Бугарија мора да најдат решение, во рамки на европскиот контекст“, изјави аналитичарот Даниел Сервер.
Доколку двете земји од Западниот Балкан (Албанија и Северна Македонија) не ги почнат преговорите, следниот Совет на ЕУ, ќе се одржи во март, кога со ЕУ, ќе претседава - Португалија.
Facebook Forum