Линкови за пристапност

И мораториумот за пасоши ја потенцира нефункционалноста на моделот на „Пржинска влада“


Додека над 15.000 македонски граѓани чекаат патна исправа, а итната постапка за нивно вадење е во „мораториум“, МВР на располагање има само четири илјади обрасци за нови пасоши

„Баравме Владата да најде начин за надминување на состојбата, со оглед на тоа што се работи веќе за проблем на ниво на држава; но не наидовме на разбирање. Владата го врати проблемот на решавање во МВР. Ние постојано имаме средби, разгледуваме можни решенија, размислуваме да го ставиме вон функција системот за поднесување барања. Денес ќе имаме нови обиди за наоѓање решение, ќе разговараме и за методологија која е при крај, приоритет ќе имаат здравствените случаи, таква е состојбата во моментот“, изјави техничкиот министерот Наќе Чулев, кој и претходно го обвини ексминистерот и актуелен технички премиер Оливер Спасовски за пропусти во јавната набавка.

Раководството на МВР е со став дека ќе треба да се стави системот за издавање патни исправи вон функција – и да не се дозволува аплицирање за издавање пасоши и по редовна и по итна постапка! Моментално, во мораториум е издавањето на пасоши по итна постапка, сè до доаѓањето на новата нарачка обрасци. Иако и претходно, техничкиот министер Чулев ја информираше јавноста дека навреме не се обезбедени обрасци за патни исправи, во МВР синоќа на итен состанок расправале за актуелната криза со недостигот на обрасци поради која, неофицијално, засега пасоши во редовна постапка ќе се издаваат само според критериуми за приоритет: на лица на кои им е неопходно лекување во странство, за неодложни бизнис-активности, на работници во странство, на професори или експерти за меѓународни конгреси, или на студенти во странство... Управувачкиот комитет на МВР утре со соопштение ќе ги информира граѓаните за критериуми според кои ќе се доделуваат 4.000 пасоши од залихата, до пристигнувањето на следната пратка.

Техничкиот министер Чулев и на денешната прес-конференција потенцираше дека со проблеми околу издавањето лични документи се соочил штом стапил на функцијата, но дека „со натчовечки напори и ургенции“ е надмината кризата со лични карти и возачки дозволи, а дека како резултат на лошо планирање, на несовесно работење и доцнење со нарачката на претходниот министер од германската компанија „Веридос“, проблемот со патни исправи е сè уште актуелен.

„Во редовна постапка веќе има поднесено 16.500 барања за пасош. На залиха имаме уште околу 3.600-3.700 обрасци за патни обрасци, а за итна постапка има поднесено 650 барања. Со оглед на сериозноста на проблемот контактиравме со компанијата ‘Веридос’ и со германската амбасада, а изготвивме и информација до Владата“, изјави Чулев, според кого, 100.000 обрасци за пасоши требало да стигнат од германската компанија на 24 март, но и дека неофицијално е издејствувано скратување на рокот за десет до четиринаесет денови.

Чулев обвини дека „на 6 декевмри 2019 во информација доставена до министерот за внатрешни работи од помошникот министер - се укажува дека на залиха имало 88.100 пасоши. Кога дојдов јас за министер, службите информираа дека имаме сериозен недостиг на лични документи, вклучително и пасоши, и во информација само еден месец подоцна, на 8 јануари 2020 година, службите ме информираа дека имаме само 27 580 пасоши, или околу 50.000 помалку“.

Македонските медиуми објавија и дека и покрај меѓусебните обвинувања на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, односно, меѓу техничкиот министер Чупев и неговиот претходник, актуелниот технички премиер Спасовски презел обврска за решавање на „пасошката криза“ да и се обрати и директно на германската канцеларка Ангела Меркел, затоа што германската Влада е сопственик на 40 од компанијата „Веридос“.

За дел од коментарите, актуелниот хаос во МВР е последица на нефункционирањето на моделот на „Пржинска влада“ замислен како ад-хок решение за излез од политичката криза во 2015-та, под покровителство на меѓународната заедница, а според кој, на 100 дена пред избори, се формира влада со нов технички премиер од мнозинството и со технички министри од опозицијата - за внатрешни работи и труд и социјала и заменици министри - за финансии, за земјоделие и за информатичко општество и администрација.

Илустрација за нефункционирањето на моделот е и тоа што од почетокот на годинава носителите на новите „пржински функции“ главно, секојдневно меѓусебно се обвинуваат на прес конференции. Така, техничкиот министер за внатрешни работи Чупев го обвини својот претходник Спасовски дека одобрил набавка на 3.000 пара чизми за полицајците кои според него, не исполнувале четири од предвидените критериуми за квалитет, и соопшти дека до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги доставил податоците за јавната набавка. Чупев тврди и дека МВР направило проверка на квалитетот во независна лабораторија која докажала дека чизмите отстапуваат од стандардите и очекува Обвинителството да реагира на неговиот поднесок за кршење на Законот за јавни набавки.

Од друга страна, дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, го обвини техничкиот министер Чулев дека во изборен период, без потпис, противзаконски назначил нов началник на СВР Тетово. Таа одбила да го потпише назначувањето, а со тоа, Чулев го прекршил и Законот за влада, според кој, за назначувањето мора да има потпис и од дополнителниот заменик-министер. Во саботата, пак, Владата донесе нова одлука за поништување на претходно донесените решенија на Чулев за распоредување на работни места, на нови началници во МВР.

Но, конфузијата во МВР, во која сменетите и назначените функционери, не знаат чија одлука да ја почитуваат, е само еден од примерите за нефункционирањето на моделот на „Пржинска влада“, зашто, во јавноста е сè уште актуелна полемиката околу разрешувањето на техничката министерка за труд и социјала Рашела Мизрахи (ВМРО-ДПМНЕ) и спротивставените ставови дали воопшто ваквиот модел, конструиран за точно определен период, може да биде системско решение.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG