Линкови за пристапност

Хрватската дијаспора во САД ја поддржува Македонија во НАТО


Во писмо до претседателот Обама бара негова безрезервна поддршка Македонија да биде поканета уште во Чикаго.

Дојде времето за ваша безрезервна поддршка на кандидатурата на Република Македонија за целосно членство во НАТО на престојниот самит во Чикаго, наведува Националната федерација на хрватските Американци во писмото до американскиот претседател Барак Обама.

„Како и Хрватска, и Албанија и Македонија беа земји- кандидати за членство во НАТО. Додека Албанија успеа да стане дел од Алијансата во 2009-та, Македонија е и натаму надвор од неа, како жртва на непотребен и долгогодишен спор со Грција што го попречува напредокот и развојот на нашата важна западна алијанса. Од вас бараме да ја земете предвид одлуката на Меѓународниот суд на правдата и да извршите притисок на престојниот самит на Алијансата во Чикаго, Република Македонија да добие покана за членство“, му пишуваат хрватските Американци на Обама.

Хрватската дијаспора подвлекува дека Македонија ги исполнила сите критериуми за членство, како и тоа дека ја докажала посветеноста со учеството во бројни мисии на НАТО во странство.

Хрватските Американци оценуват дека влезот на Македонија во НАТО би ја зајакнал регионалната стабилност на Југоисточна Европа и би обезбедил поттик за новите кандидати за членство, како што се Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Копии на писмото се доставени и до секретарот за одбрана Леон Панета и државаната секретарка Хилари Клинтон.

XS
SM
MD
LG